Кратката попладневна дремка би требало да нè освежи, но многумина по неа се чувствуваат значително поуморно и дезориентирано. Наместо одмор, будењето често носи збунетост и чувство како да сте спиеле со часови, а не само неколку минути. За оваа појава постои научно објаснување и не станува збор за тоа дека сте мрзливи или едноставно не знаете како правилно да се одморите, пишува „The Tab“.
Инерцијата на спиењето како причина за зашеметеноста
Главната причина за ова непријатно чувство е феноменот познат како инерција на спиењето, кој понекогаш се опишува и како „мамурлак од спиење“. Проблемот може да настане поради фазата на сонот од која се будите.
Ако спиењето трае подолго од 30 до 40 минути, мозокот влегува во фаза на длабок, бавнобранов сон. Наглото будење од оваа фаза ги нарушува неговите процеси. На мозокот му е потребно време за да премине од состојба на длабок сон во целосна будност. На одредени делови од мозокот им е потребно повеќе време за да се активираат, па протокот на крв и електричната активност можат извесно време да останат забавени дури и откако ќе ги отворите очите.
Последицата е ментална „магла“, забавени реакции, раздразливост и силна желба повторно да се вратите во кревет. Мозокот во таква состојба сè уште се „вклучува“ и му се потребни неколку минути за да ја достигне својата целосна функционалност.

Како тогаш правилно да отспиете?
За попладневниот одмор навистина да ве освежи, се препорачува дремката да трае околу 20 минути. Најдобро е да ја планирате во раните попладневни часови.
Клучно е да поставите аларм за краткиот одмор да не се претвори во повеќечасовно спиење. Обезбедете мирна и затемнета средина и избегнете го искушението да го одложите будењето. На тој начин ќе спречите влегување во длабок сон и ќе го избегнете чувството на дезориентираност кое може да ви го расипе остатокот од денот.






