Учениците од четврто до деветто одделение во основното училиште „Киро Глигоров“ ќе започнат со учење од далечина на почетокот на учебната 2026/2027 година поради градежни активности во училиштето, кои ги реализира Министерството за образование и наука.
Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ новата учебна 2026/2027 година ќе ја започнат со настава од далечина
Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ новата учебна 2026/2027 година ќе ја започнат со настава од далечина, поради градежните активности што Министерството за образование и наука ги изведува во дел од училишниот објект.
Станува збор за инвестиција што како што е наведено се реализира во рамки на Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП), чиј носител е Министерството за образование и наука.
Министерството ги обезбедува финансиските средства, основниот проект и ревизијата, го координира процесот, го обезбедува изведувачот и надзорот и ја следи реализацијата на градежните активности до нивното завршување.
Согласно првично предвидената динамика, градежните активности, како што е соопштено, требаше да завршат пред почетокот на новата учебна година. Со оглед дека работите сè уште се во тек, ООУ „Киро Глигоров“ побара организирање на онлајн настава за учениците од четврто до деветто одделение, информираат од општината.
Министерството за образование и наука даде согласност овие ученици времено да следат настава од далечина, до создавање услови за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека во моментот најважно е да се обезбеди непречено започнување на учебната година.
„Најважно е децата да бидат безбедни и наставата да започне без дополнителни одложувања. Бидејќи градежните активности што ги реализира Министерството за образование и наука сè уште не се завршени, учениците од четврто до деветто одделение времено ќе следат онлајн настава. Од МОН побаравме и информација за точниот рок и динамиката за завршување на работите, затоа што очекуваме тие да бидат завршени во најкус можен рок и учениците што побрзо да се вратат во училишните клупи“, изјави Герасимовски.
Општина Центар ќе ја следи состојбата во училиштето и ќе биде во постојана комуникација со раководството на ООУ „Киро Глигоров“, родителите и Министерството за образование и наука, со цел учениците што поскоро да продолжат со редовна настава во безбедни услови, нагласуваат од општината.












