Заврши големата потера по тројниот убиец во Црна Гора: Полицијата го опколи, тој се самоуби

Макфакс

01/09/2026

07:42

806

Големина на фонт

а а а

Рускиот државјанин Михаил Шабунин, осомничен за тројното убиство во Црна Гора, беше пронајден и опколен од полицијата, по што се самоуби. Акцијата била поддржана со специјализирана опрема и хеликоптер, додека полицијата продолжува со истрагата.

Рускиот државјанин Михаил Шабунин (30), осомничен за вчерашното убиство на тројца вработени на стрелиште во близина на Даниловград, е пронајден ноќеска во шума над Херцег Нови. Според црногорската полиција, откако бил опколен, пукал во полицајци, а потоа се самоубил.

Шабунин е пронајден околу 3:35 часот во шумата над населбата Топла од страна на припадници на Специјалните и Посебните полициски единици, Регионалниот центар за безбедност Југ и Граничната полиција. Во акцијата е употребена специјализирана опрема и хеликоптер на Војската на Црна Гора.

Фото: Полициска управа на Црна Гора

Пукал во полицајци

„Откако осомничениот бил опколен и се нашол во безнадежна ситуација, отворил оган врз полицајци, а потоа извршил самоубиство со огнено оружје“, соопшти црногорската полиција.

Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ објави дека кризната состојба во Херцег Нови е завршена.

Полицијата, во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица, продолжува да ги утврдува сите околности на случајот, вклучувајќи ја причината и мотивот за тројното убиство.