Фондот во август исплати над 623 милиони денари за боледувања, над 414 милиони денари за породилни

Макфакс

01/09/2026

09:40

82

Големина на фонт

а а а

Во август 2026 година Фондот за здравствено осигурување исплати вкупно над 623 милиони денари за боледувања, од кои преку 414 милиони денари беа наменети за породилни отсуства, обезбедувајќи редовни и стабилни исплати на осигурениците.

Фондот за здравствено осигурување во текот на август 2026 година исплати вкупно 623.150.780 денари по основ на надоместок на плата за привремена спреченост за работа, од кои дури 414.050.780 денари се исплатени за породилни отсуства, извести ФЗОМ.

„Станува збор за исклучително висока месечна реализација, постигната со засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства, со јасна цел – исплатите кон осигурениците да се одвиваат редовно и со стабилна динамика.

При обработката на предметите се почитуваше хронолошкиот редослед, при што приоритет беше даден на осигурениците чии барања се со постар датум. Со ваквата динамика, Фондот создаде услови надоместоците за боледување, а особено надоместоците за породилно отсуство, да се исплаќаат тековно и редовно.

Посебен приоритет на исплатата на породилните надоместоци беше даден по насока на генералниот директор на Фондот, м-р Златко Перински. Со внимателно планирање и ефикасно управување со средствата, во август беа обезбедени над 414 милиони денари само за породилни надоместоци, без притоа да се наруши редовното подмирување на останатите финансиски обврски на Фондот.

Ваквиот пристап ќе продолжи и во наредниот период. Редовната исплата на боледувањата, со посебен фокус на породилните надоместоци, останува еден од приоритетите на раководството на Фондот, паралелно со обезбедувањето финансиска стабилност и непречено извршување на сите останати обврски кон осигурениците и здравствениот систем.

Зад овие бројки стојат осигуреници и семејства за кои навремената исплата значи сигурност во период кога им е најпотребна. Затоа Фондот продолжува со унапредување на организацијата и ефикасноста во работењето, со јасна цел – редовни исплати, пократко време на обработка и поголема сигурност за осигурениците“, се наведува во соопштението на ФЗОМ.