Патриотите од ДПМНЕ ветуваа враќање на името, но македонскиот народ исчезна и стана „народот на Северна Македонија“

Макфакс

02/09/2026

11:10

116

Големина на фонт

а а а

Од Левица истакнуваат дека под власта на ДПМНЕ македонскиот народ исчезнал од официјалните меѓународни договори и бил заменет со „народот на Северна Македонија“. Партијата исто така укажува на новиот договор со САД и критички го оценува пристапот на ДПМНЕ кон националниот идентитет и интересите на државата.

Ќе остане запаметено дека токму во времето на ДПМНЕ, партијата која со години ги делеше Македонците на „патриоти“ и „предавници“, која организираше протести, маршеви и кампањи против Преспанскиот договор и која на изборите ветуваше дека ќе го врати името, македонскиот народ исчезна од официјален меѓународен договор и стана „народ на Северна Македонија“, истакнуваат од Левица.

Оваа нова формулација на нашиот национален идентитет, додаваат од партијата, се наоѓа во новиот билатерален договор меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, кој Владата на ДПМНЕ го предлага за ратификација. „Во делот од Договорот кој се однесува на заштитата на археолошкото и етнолошкото културно наследство, наместо да се наведе дека станува збор за материјали значајни за културното наследство на македонскиот народ, Владата прифатила формулација според која тие се значајни за „културното наследство на народот на Северна Македонија“.

Прашуваат каде исчезнаа сите ветувања.

„Наместо од позиција на власт да менуваат нешто од она што толку години го претставуваа како историско предавство, денес самите произведуваат и предлагаат нови меѓународни договори во кои не само што е целосно нормализирана новата државна терминологија, туку се нормализира и нова формулација за самиот НАРОД.

ДПМНЕ со години ја гради својата политичка физиономија врз митот дека никој нема да им кажува како да ја водат Македонија, дека тие ќе ги исправат „предавствата“ и дека конечно ќе ја вратат државата на народот. Но, кога треба да се покаже тоа пред Вашингтон, од нивниот патриотизам не останува ништо. Тогаш и името станува непроменливо, и договорите стануваат „меѓународни обврски“, а македонскиот народ може да биде заменет со „народ на Северна Македонија“ без никој од големите патриоти да почувствува потреба да објасни како стигнале дотаму“.

Храброста на ДПМНЕ, според Левица, очигледно, завршува таму каде што почнуваат интересите на нивните господари.

Тоа, како што оценуваат, е истата логика со која Македонија со децении се претвора во периферија на туѓи интереси: странските инвеститори добиваат субвенции, даночни поволности и евтина работна сила; природните богатства и јавните ресурси се ставаат на располагање на приватниот капитал; а домашните политички елити се натпреваруваат која побрзо ќе ја претстави Македонија како поевтина, попослушна и подостапна за распродавање.

„Во таква политика нема ништо чудно што достоинството и идентитетот на народот стануваат само уште една ставка за која може да се преговара.

Најопасно од сè е што ова отвора многу поголемо прашање: што уште прифаќа оваа власт додека во јавноста глуми дека го брани македонското национално прашање? Ако ДПМНЕ денес, без никаков проблем, може да предложи ратификација на договор во кој македонскиот народ е заменет со политичка конструкција создадена од новото државно име, тогаш имаме целосно право да прашаме што друго се подготвува зад затворени врати. Какви нови отстапки, какви нови формулации и какви нови обврски ќе ни бидат сервирани утре, откако денес ќе бидат потпишани и договорени во тишина, а потоа ќе ни се објаснува дека „немало друг избор“ и дека станува збор за меѓународни обврски?

Вазали кога треба да се спротивстават на странските интереси, а „патриоти“ само кога треба да се закануваат пред сопствениот народ. Пред камери се колнат во Македонија, а кога ќе седнат на масата со странските центри на моќ, одеднаш исчезнуваат сите нивни „црвени линии“.
Остануваат само подлизурковци подготвени да го погазат секое свое ветување, ако тоа значи да останат добри и послушни партнери пред оние пред кои всушност одговараат.

Големите „патриоти“ сами се избришаа од Историјата – потпис по потпис, „меѓународна обврска“ по „меѓународна обврска“, отстапка по отстапка, предавство по предавство“.