Технологијата за следење на погледот откри кои градски дестинации најмногу го привлекуваат вниманието во текот на летото. На врвот на листата се најде Банф во Канада, додека грчкиот Миконос е втор, а посебно внимание привлекува Котор, кој го зазеде високото осмо место меѓу најубавите летни градови во светот.
Како што се приближува крајот на сезоната на летни одмори, а температурите на северната хемисфера почнуваат, макар и незначително, да се намалуваат, патниците кои мудро ги избегнувале најтоплите градски дестинации можеби повторно размислуваат за кратки градски одмори.
За инспирација, хотелскиот синџир „Premier Inn“ се обиде да утврди кои градови се најубави за посета во текот на летото, и тоа со помош на науката.
Компанијата собра фотографии од повеќе од 60 големи градови ширум светот, а потоа, со помош на технологија за следење на погледот, анализираше кои фотографии луѓето најбрзо ги забележуваат и на кои нивниот поглед најдолго се задржува.
Најубавите летни градови во светот
Студијата покажа дека Банф во Канада е најубавиот летен град, со вкупна оценка од 96,0 од 100.

Учесниците во истражувањето во просек 3,2 секунди ја гледале фотографијата од овој канадски град, познат по дрвените куќи и величествените планини што го опкружуваат. Тоа било најдолгото задржување на погледот забележано на која било фотографија во истражувањето.
На второто место се најде Миконос во Грција, со оценка од 87,3 од 100. Неговите препознатливи бели куќи и интензивно сино море го привлекле вниманието на учесниците побрзо од која било друга дестинација, при што во просек им биле потребни само 1,5 секунди за да ја забележат фотографијата.

Веднаш зад Миконос се наоѓа Сиднеј во Австралија, со оценка од 85,6 од 100. Живописните градски плажи и опуштената атмосфера на овој град речиси совршено го претставуваат она што многумина го замислуваат кога ќе помислат на лето.
На четвртото место е Бриж во Белгија, град познат по мрежата од канали и куќите со скалести забати, со оценка од 84,1 од 100.

Првите пет ги заокружува Бристол во Велика Британија, историски пристанишен град кој освои 83,7 поени.

Велика Британија има вкупно пет градови меѓу 30-те најубави. Покрај Бристол, на листата се Ливерпул на 15-то место, Бат на 25-та позиција, Глазгов е 27-ми, а Брајтон 29-ти.
Германија има четири града меѓу 30-те најдобри: Минхен е на 14-то место, Фрајбург на 16-то, Хамбург на 22-то, а Дрезден на 23-то место.

Европските дестинации убедливо доминираат на целата листа – дури 19 од 30 градови се наоѓаат во Европа.
Ова се десетте најубави летни градови:
1. Банф, Канада
2. Миконос, Грција
3. Сиднеј, Австралија
4. Бриж, Белгија
5. Бристол, Велика Британија
6. Палма де Мајорка, Шпанија
7. Кјото, Јапонија
8. Котор, Црна Гора
9. Окленд, Нов Зеланд
10. Лос Анџелес, САД












