Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, истакна значителен развој и реализирани капитални проекти во општината, вклучувајќи нови улици, паркови и спортско-рекреативни комплекси, со што се постигна силен напредок и подобрување на условите за живеење.
Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски на денешната прес-конференција истакна дека работи макотрпно во општината и дека проектите се видливи. Направени се како што рече, многу проекти, нови улици, паркови, нови спортско-рекреативни комплекси и игралишта.
Според него, Општина Бутел доживеа вистинска промена.
„Во изминатата година работевме посветено, одговорно и со јасна цел – Бутел да биде поуреден, побезбеден, почист и подобро место за живеење за сите наши жители.
Не ветувавме невозможни работи. Ветивме работа и решавање на реални проблеми со кои секојдневно се соочуваат нашите граѓани.
Овие се години на ренесанса, години во кои се реализираа рекорден број капитални проекти и години на најголем развој на општина Бутел.
Изминатиот период е период на кој сум особено горд, период во кои јас и мојот тим неуморно работевме за модерна, просперитетна и напредна Општина Бутел“.
Го посочи водоводот во Љубанци и Љуботен. Капитален проект кој, како што рече, значи живот за овие две населени места.
„Направивме рекордни инвестиции во образованието.
Инвестиравме и во детските градинки.
Општина Бутел го држи приматот на најспортска општина во Република Македонија.
За 5 години успеавме да асфалтираме улици како за 20 години претходно.
Го уредивме речното корито на река Серава.
Радишани доби нов голем парк со голем плоштад. Нешто што беше ветувано со децении.
Изградени се над 30 спортски и детски игралишта во сите населени места.
Со голем интензитет се гради новиот мега парк на булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Градиме нова пешачка патека покрај река Серава во населеното место Бутел 1. За прв пат во општина Бутел се градат и два моста, од кои едниот е веќе во завршна фаза.
За брзо започнуваме со изградба и на нова модерна поликлиника за која во целост се обезбедени финансиски средства и завршена е целосна тендерска постапка, ќе се започне со проектирање на секундарната мрежа за вода во Љубанци и Љуботен. Ќе се градат и нови спортско-рекреативни центри, ќе се реконструираат и нови клучни улици и многу други проекти кои ги ветивме пред нашите граѓани“.
Костовски напомена дека Општина Бутел ќе добие и нов модерен дом на културата. Најави и уште посилно темпо, за како што вели, модерна, урбана и европска Општина Бутел.












