Меџити: Почнува реконструкцијата на булеварот Мит’хат Фрашери, еден од клучните инфраструктурни проекти

Макфакс

04/09/2026

13:10

163

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, најави почеток на реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“, што претставува еден од најзначајните инфраструктурни проекти за општината. Реконструкцијата вклучува модернизација на сообраќајната мрежа со нови ленти, тротоари и велосипедски патеки.

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес беа на терен на делницата каде следната недела ќе започнат работите за реконструкција на булеварот „Мит’хат Фрашери“, еден од клучните инфраструктурни проекти за Чаир. Точките за реализација на проектот се веќе поставени и сè е подготвено за почеток на работите.

Проектот опфаќа делница долга над 1,4 километри, од улицата „Џон Кенеди“ до булеварите „Словенија“ и „Босна и Херцеговина“. Булеварот ќе има четири сообраќајни ленти, тротоари, велосипедска инфраструктура, атмосферска канализација и ново јавно осветлување, со што значително ќе се подобри сообраќајот и ќе се модернизира инфраструктурата во овој дел од општината.

„Еден по еден, ги реализираме проектите што ги ветивме за Чаир. Следната недела започнува реконструкцијата на булеварот ‘Мит’хат Фрашери’, еден од клучните инфраструктурни проекти за нашата општина. Станува збор за голем проект кој значително ќе ги подобри сообраќајот и инфраструктурата во овој дел од Чаир. Ветувањата ги претвораме во конкретни дела и ќе продолжиме проект по проект, сè до целосно исполнување на нашите обврски кон граѓаните“, изјави Меџити.