Андреј Жерновски побара Обвинителството да отвори истрага за унгарскиот кредит во Македонија, потенцирајќи сомнежи за криминал и незаконско работење поврзано со зделката и потеклото на парите.
Обвинителството да отвори истрага за унгарскиот кредит и во Македонија, побара денеска на прес – конференција Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Граѓаните треба да знаат дека Унгарија и официјално отвори истрага за кредитот од цела една милијарда евра, што го договори Мицкоски и неговата Влада со Унгарија и со пријателот Орбан. Освен со енормното покачување на јавниот долг, коешто е само по себе проблематично, овде веќе станува збор и за кредит којшто е преполн со сомнежи за криминал и, за жал, за незаконски постапки. Според објавените информации, унгарското национално истражно биро има одземено илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк. Еден од аспектите коиште се сомнителни и за коишто многу пати зборувавме и потенциравме, во јавноста го отворавме тоа прашање, а тоа е потеклото на парите. Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина?“, праша Жерновски.
Нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД, додаде тој, многу добро знаат дека изминатите две години во нашата држава влегува сериозна количина на кинески пари.
„Сега, со оваа истрага, сето се потврдува. Меѓутоа, тука не запираат. Погледнете ги активностите на неговиот омилен министер, на Стоилковиќ, којшто и понатаму продолжува да објавува среќен, радосен дека нашата држава разговара за нов влез на кинески средства“, рече Жерновски.
Тој вели дека до ден-денес нема одговор за тоа како е договорена зделката, кој ја договорил зделката, кои се провизиите, кои се скриените трошоци и кое е потеклото на овие пари.
Жерновски вели дека македонските правосудни институции се должни веднаш да реагираат и да отворат истрага за овој предмет.












