Управата за јавни приходи на работна средба со туристичкиот сектор во Струга – „Фер туризам започнува со пријавен доход“

Макфакс

04/09/2026

13:20

133

Големина на фонт

а а а

Управата за јавни приходи организираше работна средба во Струга со туристичкиот сектор за кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. На средбата се дискутираа важни теми за пријавување на доходот од издавање сместувачки капацитети, ангажирање сезонски работници и обврските за дејности од времен карактер со цел олеснување на даночните обврски на туристичките работници.

Управата за јавни приходи продолжува со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која реализира информативно-работни средби со туристичкиот сектор во туристичките места низ земјата.

Во рамки на кампањата, денес во Струга беше одржана средба со издавачи на сместувачки капацитети, хотелиери, угостители и други даночни обврзници од туристичкиот сектор. Средбата беше реализирана во соработка со Општина Струга, со цел навремено информирање на туристичките работници и олеснување на исполнувањето на нивните даночни обврски.

На средбата беа опфатени прашања од особено значење за туристичката сезона, меѓу кои пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници и пријавувањето на доходот од дејности од времен карактер. Во однос на издавањето на сместувачки капацитети, беше појаснето дека доходот од издавање апартмани, станови, куќи, вили, соби и други објекти треба навремено да се пријави и да се плати данокот на личен доход.

Обврската се однесува и на краткорочното издавање во туристички цели, независно од начинот на плаќање и од тоа дали гостите се домашни или странски. На присутните им беа презентирани и практични насоки за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за пресметување на данокот на личен доход и примената на признатите трошоци. Важен дел од средбата беше посветен и на сезонското и повременото ангажирање работници.

Работодавачите беа информирани за обврските при ангажирање лица за сезонска или повремена работа и за потребата работниот ангажман да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Беа дадени и насоки за обезбедување на потребните е-ПДД и МПИН пресметки преку системот е-Даночни услуги.

Посебно внимание беше посветено и на дејностите од времен карактер, со што беа опфатени обврските поврзани со активности како изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, како и продажба на сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети. Од УЈП беше укажано дека физичките лица кои остваруваат доход од дејности од времен карактер имаат обврска да го пријават доходот и да го платат данокот на личен доход.

Пред започнување со дејноста, потребно е да се поднесе Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи. Средбата овозможи директна размена на информации меѓу даночните службеници и туристичките работници, кои имаа можност да постават прашања и да добијат појаснувања за конкретни ситуации од нивното работење. Од Управата за јавни приходи беше истакнато дека ваквите средби се дел од континуираните активности за информирање, едукација и поддршка на даночните обврзници, со цел навремено и доброволно исполнување на законските обврски.

Пријавувањето на доходот и редовното плаќање на даноците создаваат еднакви услови за сите туристички работници, придонесуваат за намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција и се важен предуслов за создавање поуреден и поконкурентен туристички сектор. „Со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ продолжуваме да бидеме директно присутни меѓу туристичките работници, да ги информираме за нивните обврски и да им обезбедиме поддршка за правилно даночно усогласување“, истакнаа од Управата за јавни приходи.

Пораката од Струга е јасна: фер туризам се гради со информирани туристички работници, пријавен доход и еднакви правила за сите.

• За дополнителни информации и поддршка, даночните обврзници може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП на 02/32 53 200 или лично во најблиската организациона единица на Управата за јавни приходи до нивното место на живеење.