На шкотски остров се случува нешто што сериозно ги загрижува научниците

Точка

07/09/2026

19:01

784

Големина на фонт

а а а

Некогаш бројната колонија на тупици (вид морска птица со шарен клун) на шкотскиот остров Меј забрзано се намалува.

Научниците утврдуваат дека на морските птици сè повеќе им штетат повисоките температури на морето, недостигот од плен и силните бури, кои во последните години значително влијаеле врз нивното преживување.

Во една од најголемите колонии на тупици во Велика Британија, во текот на последните две години е забележан голем пад на бројот на дупките во кои живеат овие птици. Истражувачите наведуваат дека главните причини за ваквиот пад се недостигот од храна, затоплувањето на морето и сè почестите силни бури, во комбинација со други екстремни временски услови, пишува Би-би-си.


Според податоците на шкотската организација за заштита на природата „NatureScot“, бројот на дупките што ги користат тупиците на островот Меј, во заливот Ферт оф Форт, се намалил за приближно 30 отсто за две години.

За само две години популацијата се намалила за дури една третина

Истражувањето што го спровеле заедно со британскиот Центар за екологија и хидрологија (UKCEH) покажува дека голем број птици угинале за време на силните бури. Истовремено, затоплувањето на океанот ги погодило популациите на песочните јагули, кои се главен извор на храна за тупиците.


Истражувачите го оценија падот на популацијата како загрижувачки бидејќи за време на летното истражување на островот изброиле околу 36.500 активни дупки. Тоа е за една третина помалку во споредба со 2024 година, кога имало приближно 52.000.

Островот Меј, кој се наоѓа на околу осум километри од брегот на шкотската област Фајф е природен резерват од 1956 година. На него досега се забележани речиси 300 видови птици, а подрачјето се смета за една од најважните колонии на тупици во Велика Британија.


Раководителот на резерватот, Дејвид Стил, изјавил дека сегашниот пад го потсетува на ситуацијата од почетокот на овој милениум, кога бројот на тупици исто така значително се намалил, по што нивната популација повторно се зголемила во текот на следната деценија.

Според него, сегашниот пад најверојатно е последица на комбинација од неколку фактори, меѓу кои се недостигот од храна за морските птици, помалата стапка на преживување во зимски услови и сè поекстремните временски услови.


Тој нагласил дека резултатите покажуваат колку се важни понатамошното следење на популациите и работата на заштитата на природата во подрачја како островот Меј.

Островот е клучен за бројни животински видови

Во рамките на истражувањето, научниците шест денови систематски го обиколувале островот, ги броеле дупките и проверувале дали ги користат тупици или зајаци. Покрај тупиците, на островот живеат и други видови морски птици. Бидејќи таму нема поголеми предатори, островот претставува важно засолниште за бројни видови.

Во есен и зима таму се собираат и неколку илјади фоки, додека околу 250 видови птици преселници го користат островот како место за одмор за време на миграцијата.

Раководителот на теренските истражувања на „UKCEH“ на островот Меј, Марк Њуел, предупредил дека идните екстремни временски појави би можеле да влијаат и врз размножувањето на тупиците и другите морски птици.


Според него, популацијата на тупици во последните години била погодена од низа исклучителни климатски појави, вклучувајќи морски топлотни бранови и силни бури, кои влијаеле врз нивното преживување во текот на три од последните пет зими.

Научниците се загрижени и поради тоа што климатските модели предвидуваат дека екстремните временски појави во иднина ќе бидат уште почести и поинтензивни.