Повеќе од 30 натпреварувачи, над 500 посетители, уникатни Vespa модели, италијанска храна и пијалаци, музика и натпреварувачки адреналин го одбележаа првото издание на Vespa Grand Prix Skopje.
На 5 септември, паркингот на СЦ „Борис Трајковски“ се претвори во вистински мал италијански плоштад и место на кое во текот на целиот ден се славеа Vespa, италијанската култура, музиката и дружењето.
Во организација на Vespa Club Skopje, првото издание на Vespa Grand Prix Skopje 2026 собра повеќе од 30 натпреварувачи кои ги покажаа своите вештини во три различни дисциплини – Slow Ride, Agility/Skills и Drag на 60 метри. Најдобрите натпреварувачи си заминаа со вредни награди и подароци, но натпреварувачкиот дел беше само еден сегмент од целодневната програма.

Повеќе од 500 посетители поминаа низ просторот во текот на денот, каде имаа можност да видат уникатни Vespa модели од различни генерации, да ги следат натпреварите и да уживаат во програмата подготвена од Vespa Club Skopje.
80 години Vespa – многу повеќе од скутер
Годинешното издание имаше и дополнително значење бидејќи ја одбележа 80-годишнината на Vespa, еден од најпрепознатливите симболи на италијанскиот дизајн и стил.
Токму затоа организаторите не сакаа Vespa Grand Prix Skopje да биде само натпревар на две тркала. Целиот простор беше осмислен како спој на Vespa и италијанската култура.
Посетителите можеа да уживаат во фокача сендвичи, пица и антипасто даски, додека италијанскиот карактер на настанот беше дополнет со Aperol, Limoncello, Campari, италијанско пиво и вино.

Резултатот беше простор во кој имаше што да се види, вкуси и доживее во текот на целиот ден – без разлика дали некој дошол поради натпреварите, љубовта кон Vespa или едноставно поради атмосферата.
Од звукот на моторите до музика во живо
Музиката беше составен дел од концептот. Во различни периоди од денот зад пултот се сменија пет диџеи, а главниот музички настап им припадна на Кали и Guru Hare Band, кои го продолжија Grand Prix во вечерна атмосфера.
На тој начин настанот постепено премина од дневен собир и натпреварување во музичка забава – идеја која Vespa Club Skopje планира дополнително да ја развива во следните изданија.

Поддршка и од Италијанската амбасада
Посебно значење на првото издание му даде и поддршката од Амбасадата на Италија во Скопје.
На церемонијата на доделување на наградите присуствуваше Неговата Екселенција, амбасадорот на Италија во Северна Македонија, г. Паоло Палминтери, кој ја додели наградата за најубава Vespa на Vespa Grand Prix Skopje 2026.
Неговото присуство дополнително ја нагласи идејата на настанот – Vespa Grand Prix Skopje да не биде само мото-настан, туку место каде преку еден од најголемите италијански симболи се поврзуваат македонската и италијанската култура.

Следната станица е Vespa Grand Prix Skopje 2027
По реакциите на посетителите, натпреварувачите и партнерите, за Vespa Club Skopje дилема повеќе нема.
Подготовките за Vespa Grand Prix Skopje 2027 веќе започнуваат.
Идејата е следното издание да донесе уште покомпактен формат, повеќе содржини и уште посилно Vespa и италијанско доживување.

„По првото издание сфативме дека Скопје има публика за ваков настан. Нашата цел не е Vespa Grand Prix да остане еднократен проект, туку да прерасне во традиционален настан кој еднаш годишно ќе ги обединува Vespa, натпреварувањето, италијанската култура, гастрономијата и музиката на едно место. Затоа, за нас Vespa Grand Prix Skopje 2027 веќе започна. За крај, голема благодарност до нашите спонзори и партнери без кои овој настан немаше да се случи.“





















