Сексуалното образование оди на ревизија

Макфакс

09/09/2026

16:30

134

Големина на фонт

а а а

Министерството за образование ја повлекува и ќе ја ревидира програмата за сеопфатно сексуално образование во средните училишта по јавните реакции. Организацијата ХЕРА изразува сериозна загриженост и нагласува дека сексуалното образование е клучно за заштита на младите од различни форми на злоупотреба и насилство.

Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ во средното образование по реакциите во јавноста, а програмата ќе биде подложена на ревизија, соопшти денеска министерката Весна Јаневска. На одлуката реагираше ХЕРА, од каде што оценуваат дека сексуалното образование е една од системските алатки за заштита на младите од насилство, злоупотреба и дезинформации.

Јаневска рече дека од Бирото за развој на образованието побарала детално да ја разгледа програмата, а најави дека и лично ќе се вклучи во нејзината ревизија.

„Ги повлековме програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, за да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки“, рече министерката.

Според неа, програмата опфаќа теми за семејството, заштитата од сексуално преносливи болести и несакана бременост, родовата рамноправност и недискриминацијата меѓу половите.

Јаневска посочи дека предметот бил предвиден како изборен за средношколците од прва до четврта година и дека постојат научни докази за корисноста од сексуалното образование во периодот кога младите се соочуваат со овие прашања. Сепак, како што рече, обврска на министерот е да ги слушне забелешките што се однесуваат на образовниот систем.

На одлуката реагираше ХЕРА, од каде што изразија „сериозна загриженост“ поради повлекувањето на програмата и најавената ревизија.

Од организацијата сметаат дека сеопфатното сексуално образование не претставува закана за младите, туку може да биде системски одговор на сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни содржини без согласност, непланираните бремености, ХИВ и дезинформациите на интернет.

ХЕРА во реакцијата наведува податоци според кои 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во земјава, односно речиси 12.000 деца, во период од една година биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија. Според податоците што ги посочуваат, само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.

Од ХЕРА наведуваат и дека во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а како дополнителен аргумент за потребата од образование ги посочуваат и случаите на ХИВ.

„Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи“, велат од ХЕРА.

Организацијата бара науката и доказите да бидат основа за следните одлуки во врска со програмата, додека Јаневска најавува нејзино детално преиспитување пред да биде донесена понатамошна одлука.