ЕУ подготвува големи правила за новите членки: Без вето и со можност за задржување на пари

Макфакс

14/09/2026

16:37

464

Големина на фонт

а а а

Европската Унија подготвува нови правила за новите членки, кои вклучуваат откажување од правото на вето и можност за задржување на финансиски средства ако тие не ги исполнуваат критериумите за владеење на правото и заштита на интересите на Унијата. Предвидени се и механизми за забрзување на донесувањето одлуки со квалификувано мнозинство и промени во функционирањето на институциите на ЕУ за приспособување кон проширувањето.

По приемот, новите членки на Европската Унија треба да се откажат од правото на вето на одлуките донесени со консензус во Унијата, а постои и можност да им бидат одбиени финансиски средства ако регресираат во областа на владеењето на правото или ги загрозат интересите на Унијата, според предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ.

Според нацртот на реформата, аранжманот со кој новата членка на ЕУ привремено би се откажала од правото на вето би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство.

Дел од реформата се и дополнителни механизми за заштита што би се применувале на новите членки на ЕУ кои покажуваат сериозна регресија. Користејќи го овој механизам, ЕУ би имала право да ѝ одбие финансиски средства на новата членка во текот на ограничен период.

Причината би била „недвосмислени индикатори или сериозен ризик“ дека постојат недостатоци во владеењето на правото, кршење на заедничките вредности на ЕУ, несоодветно управување со средствата на ЕУ и загрозување на нејзините финансиски интереси.

Нацрт-реформата, исто така, предвидува можност Европската комисија да предложи новата членка на ЕУ привремено да биде суспендирана од донесување одлуки во Европскиот совет и Советот на ЕУ, конкретно со лишување од правото на глас.

Нацрт-реформата ја подготви комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, и во неа се наведува дека поголемата ЕУ бара побрзо и поефикасно донесување одлуки. Кос планира да ја претстави „Анализата на политиките пред проширувањето“ на 30 септември.

Како дел од чекорите за забрзување на донесувањето одлуки, се предвидува дека секогаш кога е можно, наместо со консензус, одлуките ќе се донесуваат со квалификувано мнозинство.

За овој процес ќе се користат клаузули „пасерел“ што овозможуваат пофлексибилно донесување одлуки без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, што предвидува задолжително едногласно донесување во одредени области како надворешна политика и безбедност.

Ова би ја зајакнало способноста на ЕУ да одговори на стратешките предизвици, вклучувајќи санкции, човекови права, заедничка безбедност и одбрана.

Сепак, ќе постои „рачна сопирачка“ што овозможува спорното прашање да биде упатено до Европскиот совет, а ќе се примени и механизмот од Јањина за блокирање на одлуки според одредени проценти на население и членки.

Комисијата планира да ги подготви институциите на ЕУ за поголема Унија. Меѓу предлозите е бројот на членови на Европската комисија да се намали на две третини од сегашниот број, па секоја земја нема да има свој комесар.

Европскиот совет треба да усвои систем на ротација што ќе ја одразува демографската и географската разновидност. Европскиот парламент има капацитет за поголем број пратеници, но тоа нема да биде засекогаш.

Планирано беше предлогот да се презентира пред една година, но е одложен поради деликатна рамнотежа помеѓу загриженоста на сегашните и потенцијалните идни членки.

Во говорот за состојбата на Унијата на 16 септември се очекува претседателката Урсула фон дер Лајен да се осврне на подготвеноста на ЕУ за нови земји-членки, 13 години по последното проширување. Проширувањето ќе биде и тема на октомврискиот самит на ЕУ.