Медицинската сестра Љубица Шавреска јавно го сподели своето искуство со загубата на бременоста, опишувајќи низа ситуации во кои, како што тврди, не добила навремена и соодветна медицинска помош во неколку здравствени установи.
Шавреска, која вели дека десет години работи како медицинска сестра – две години во приватното и осум години во јавното здравство – во објава упатена до Министерството за здравство раскажува дека во 24+3 гестациска недела почувствувала силни болки, затегање и притисок во долниот дел од грбот.
Прво побарала помош во охридската гинекологија. Според нејзиното сведоштво, директорот на болницата, д-р Горан Маркоски, ја прегледал со ехо и ѝ кажал дека болката е поради положбата на бебето. По нејзиното заминување, како што тврди, лекарот телефонски ѝ се обратил на дежурната сестра и ѝ рекол да не го буди за „такви глупости“ доколку не се работи за жена која дошла да се породи.
Поради засилување на болките, Шавреска заминала во Струга. Таму, според нејзиното сведоштво, била прегледана и било проценето дека можеби станува збор за бубрежна колика, по што ѝ бил даден Кетонал.
Следниот ден повторно почувствувала затегања, па се консултирала со матичниот лекар, кој ѝ дал упат за гинекологија во Охрид и ѝ рекол дека треба да биде хоспитализирана.

Таму, според Шавреска, д-р Радмила Здравеска ја прегледала детално со ехо, сонда, спекулум и ЦТГ. Било утврдено дека грлото на матката е значително скратено и дека е потребно поставување серклаж и соодветен третман во Скопје.
Шавреска првично побарала да биде пренесена во „Плодност“ во Битола, но таму, како што раскажува, ѝ било кажано дека цервиксот е 13 милиметри и дека мора да продолжи за Скопје.
Во Скопје била примена на Клиниката за гинекологија и акушерство. Според нејзиното сведоштво, првично била прегледана од докторка специјализант, а за понатамошната терапија требало да се почека визитата.

Таа тврди дека во текот на следните часови состојбата ѝ се влошувала, а дека не добила одговори на прашањата дали болките се контракции, дали е потребен серклаж и каква терапија ќе прима.
„Од што е болката? Дали треба серклаж? Дали се контракции? Дали е камен?“, вели дека прашала.
Според неа, одговорот бил: „Еее, де, вие сестрите сè знаете. Чекај, ќе видиме. Лежи.“
Состојбата потоа, според Шавреска, станала драматична.
„Почнав да се гушам и да имам обилно крварење“, пишува таа.
Тврди дека и покрај силните болки и крварењето, продолжила да чека медицинска интервенција и дека нејзиниот сопруг морал да бара контакти за да дојде лекар и да ја прегледа.

Во еден момент, како што раскажува, побарала помош од докторка која била во ходникот, но ѝ било кажано дека треба да почека до следната визита.
„Докторке, јас умирам. Ве молам, помогнете ми“, вели Шавреска дека ѝ се обратила.
Според нејзиното сведоштво, добила одговор дека докторката е од друго одделение и дека не дежура таму, по што ѝ било кажано да почека до следниот ден.
Шавреска тогаш решила да ја напушти клиниката и да побара помош во приватна болница. Откако од „Ре-Медика“ добиле информација дека немаат оддел за трудници пред 34. недела, семејството се обратило во „Систина“, од каде, како што наведува, добиле порака веднаш да дојде.
Во „Систина“, според нејзиното сведоштво, била примена во родилната сала, каде што добила терапија, испитувања, грижа и психолошка поддршка.

„И така, почитувано Министерство за здравство и почитуван Министере, заврши мојата бременост“, пишува Шавреска.
Таа вели дека не бара сожалување ниту одмазда и дека нема да поднесува тужби, но сака јавно да зборува за своето искуство.
„Дали вака треба да изгледа здравството во кое десет години и самата јас служам? Дали една бремена жена мора да крвари, да трпи неподносливи болки и да моли за помош за некој да ја сфати сериозно? Дали пациентот треба да бара ‘врски’ за да добие лекарски преглед?“, прашува Шавреска.
Таа сепак нагласува дека во текот на целото искуство запознала и здравствени работници кои ѝ помогнале и јавно им се заблагодарува на повеќе лекари, медицински сестри и лица кои, како што наведува, се ангажирале да ѝ помогнат.
На крајот, до Министерството за здравство упатува порака дека не бара привилегија, туку систем во кој ниту еден пациент нема да мора да бара привилегија за да добие помош.
„Зашто зад секој пациент стои човек. Зад секоја трудница стои мајка. А зад секоја бременост стои еден цел свет“, пишува Шавреска.
















