Граѓани алармираат за појава на стаорци и глувци на општинскиот паркинг лоциран меѓу Трговскиот центар „Буњаковец“ и Основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ во Скопје.
Според објава на социјалните мрежи, на локацијата биле забележани како живи, така и угинати глодари. Објавени се и фотографии за кои е наведено дека се направени на 17 септември 2026 година.
„Живи и мртви. Граѓаните се жалат на присуство на стаорци и глувци на општинскиот паркинг меѓу Т.Ц. „Буњаковец“ и основното училиште „Ј. Х. Песталоци“. Фотографиите се од 17.09.2026“, стои во објавата на иницијативата.
Случајот предизвика реакции кај граѓаните, особено поради близината на основното училиште и фреквентната локација во централното градско подрачје.
Од надлежните се бара да излезат на терен и да проверат каква е состојбата на паркингот, како и да преземат соодветни мерки доколку се утврди присуство на глодари.
Граѓаните очекуваат реакција од Општина Центар, општинскиот Инспекторат и градоначалникот Горан Герасимовски, со цел навремено да се утврди причината за појавата и да се преземат мерки за санирање на проблемот.








