Невронаучника вели: „Во училиштата ги учиме децата работи што никој нема да ги користи за 10 години – Ова е она на што јас ги учам моите деца за да не бидат заменети од вештачката интелигенција“

Точка

18/09/2026

19:24

323

Големина на фонт

а а а

Вивиен Минг, теоретска невронаучничка и основачка на организацијата „The Human Trust“, со години се занимава со развојот на вештачката интелигенција и проучување на начинот на кој луѓето учат и донесуваат одлуки.

Нејзините истражувања се фокусираат на иднината на работата, образованието и развојот на човечкиот потенцијал во ера во која машините сè повеќе ги преземаат когнитивните задачи. Како авторка на книгата „Robot-Proof“ и соработничка на водечки светски медиуми како „Фајненшл тајмс“ и „Њујрок тајмс“, Минг предупредува дека образовниот систем и понатаму ги подготвува децата за свет кој повеќе не постои.

Иако сè повеќе се зборува за вештачката интелигенција и важноста на „меките вештини“, училиштата и понатаму инсистираат на меморирање и тестови, додека компаниите сè уште им даваат предност на дипломите од престижни универзитети. Таквиот пристап, смета Минг, ги подготвува децата за работни места кои наскоро би можеле да исчезнат, наместо за свет во кој се ценат креативноста, љубопитноста и способноста за решавање проблеми.


Клучното прашање повеќе не е што знаат децата, туку како размислуваат. Наместо пренесување знаење, фокусот се префрла на градење способности. Ако сакаме да бидат подготвени за иднината во која вештачката интелигенција може да генерира одговори, потребно е да се развиваат вештини кои машините не можат лесно да ги заменат.

Грешките како алатка за напредок

Еден од клучните заклучоци до кои дошла Минг е дека најуспешните ученици честопати се токму оние кои се подготвени да погрешат. Истражувањата покажуваат дека токму истражувањето и неуспехот водат до подлабоко учење, многу повеќе отколку постојаното повторување на точните одговори.

Проблемот е што образовниот систем честопати ги казнува грешките, наместо да ги користи како алатка за развој. Така, децата го усвојуваат уверувањето дека неуспехот значи лична слабост, а не можност за напредок.

Затоа Минг го предлага концептот „резиме на неуспеси“ – документ во кој се бележат обидите што не успеале, но донеле важни лекции. Во семејството тоа може да стане ритуал во кој отворено се разговара за предизвиците и научените лекции, со што се развиваат отпорноста, љубопитноста и подготвеноста за преземање ризици.


Средина што поттикнува откритија

Големите предности на елитните универзитети, според неа, не се само во наставата, туку и во средината која поттикнува случајни средби, идеи и соочување со проблеми кои немаат јасни решенија.

Иако повеќето родители не можат да им обезбедат на своите деца пристап до такви институции, можно е да создадат слична средина дома. Клучот е во поттикнувањето на љубопитноста и експериментирањето – преку различни содржини, отворени прашања и предизвици кои немаат само едно точно решение.

Таквата средина не мора да биде совршено организирана. Напротив, одредена доза хаос може да биде поттикнувачка бидејќи отвора простор за истражување и креативност.

Децата како критичари на вештачката интелигенција

Во свет во кој вештачката интелигенција може за само неколку секунди да понуди одговор, најголемата опасност не е нејзината моќ, туку пасивноста на корисниците.

Минг смета дека децата треба да се учат да не ги прифаќаат одговорите здраво за готово, туку критички да ги преиспитуваат. Наместо ВИ да биде алатка која дава конечни решенија, треба да се користи како „соговорник“ кој помага во размислувањето.


Според овој пристап, децата најпрво треба сами да се обидат да ја решат задачата, а дури потоа да ја користат вештачката интелигенција за да ја анализираат сопствената работа, да ги забележат грешките и да ги подобрат идеите. На тој начин развиваат критичко размислување и сопствен поглед на светот.

Вештината што ја прави разликата

Во време кога точните одговори се достапни речиси бесплатно и во секој момент, најголемата вредност повеќе не е во самото знаење, туку во способноста да се создаде нешто ново и уникатно.

Како што истакнува Минг, иднината им припаѓа на оние кои умеат да размислуваат поинаку, да поставуваат прашања и да донесуваат заклучоци што машините не можат да ги предвидат. Токму во тоа лежи разликата меѓу оние кои ќе се приспособат на новиот свет и оние кои ќе заостанат во него.