Европската комисија одобри исплата од 4,2 милијарди евра од кохезионите фондови на Унгарија и ја овозможи повторната интеграција на земјата во програмите Еразмус+ и Хоризонт Европа, поради спроведените реформи за владеење на правото под новата влада на премиерот Петер Маѓар.
Европската комисија одобри исплата од 4,2 милијарди евра од кохезионите фондови на Унгарија и повторно го овозможи нејзиното учество во програмите Еразмус+ и Хоризонт Европа. Одлуката доаѓа откако владата на премиерот Петер Маѓар спроведе реформи за кои Брисел рече дека ги исполнуваат барањата за владeењето на правото.
Брисел ги замрзна средствата во 2022 година поради корупција и проблеми со јавните набавки за време на мандатот на поранешниот премиер Виктор Орбан. Денешната одлука го отвора патот за Унгарија да се врати во програмата за размена на студенти Еразмус+ и иницијативата за финансирање на истражувања Хоризонт Европа.
Во 2022 година, Европската Унија суспендираше 6,3 милијарди евра од кохезионите фондови за Унгарија како дел од механизмот за условување. Причините наведени во тоа време беа недостатоци во системот за борба против корупцијата, судир на интереси и неправилности во јавните набавки.
Премиерот Петер Маѓар, кој ја презеде функцијата во април по убедливата изборна победа, водеше кампања со ветување за деблокирање на фондовите на ЕУ замрзнати за време на 16-годишното владеење на Виктор Орбан.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави напредокот на Унгарија. „Унгарија презеде важни чекори за зајакнување на владeениетo на правото и заштита на финансиските интереси на Унијата“, рече таа.
„Денес предлагаме да се деблокираат 4,2 милијарди евра и повторно да се отворат вратите на Еразмус+ и Хоризонт Европа за унгарските студенти и истражувачи. Задоволна сум што тие повторно ќе можат целосно да ги искористат можностите што ги создава нашата Унија. Ова покажува дека реформите даваат резултати“, рече фон дер Лајен.
Во мај, Маѓар и фон дер Лајен се согласија за план за исплата на вкупно 16,4 милијарди евра, под услов земјата да ги исполни клучните цели за владeење на правото. Унгарија мораше да исполни 27 таканаречени суперцели и повеќе од 100 други услови.
Кон крајот на август, Будимпешта објави дека ги исполнила сите услови, вклучително и решавањето на статусот на фондациите од јавен интерес (КЕКВА). Ова е правна структура што поранешната влада ја користеше за да ја преземе контролата врз јавните институции, вклучително и универзитетите.
Преостанати предизвици
Покрај одобрените средства, Унгарија, исто така, бара да повлече 10 милијарди евра од фондовите за закрепнување. Комисијата моментално го оценува ова барање. Уште 2 милијарди евра од кохезионите фондови остануваат блокирани поради загриженост во врска со системот за азил на Унгарија, законите за заштита на децата и академската слобода. Премиерот вети дека неговата влада ќе ги реши овие прашања до крајот на годината.
Фото: ЕПА












