Во Скопје денес започна MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined, регионална конференција посветена на иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.
На една сцена се собраа повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор, инвеститори, финтек компании, регулатори и деловната заедница од Западен Балкан и Европа.
Првиот ден од конференцијата ја отвори дискусијата за тоа како пристапот до финансии да стане поедноставен, побрз и пофлексибилен за граѓаните и за микро, малите и средните компании, со фокус на дигиталното кредитирање, новите извори на капитал и довербата во финансиските институции во услови на брза технолошка трансформација.

Четири клучни пораки кои произлегоа од првиот ден беа :
-Финансирањето треба да стигне до оние на кои им е најпотребно.
-Технологијата треба да го направи кредитирањето побрзо, поедноставно и посигурно.
-Подобриот пристап до капитал отвора повеќе можности за малите и средните компании да инвестираат, растат и создаваат нови работни места.
-Иднината на секторот е во подобро, поодговорно и поодржливо кредитирање што создава вредност за граѓаните, бизнисите и економијата.

Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија, порача дека главното прашање повеќе не е дали кредитирањето се менува, туку како таа промена ќе се обликува во корист на клиентите и економијата.
„Иднината на кредитирањето не е само да кредитираме повеќе, туку да кредитираме подобро – со технологија, одговорност и поголема доверба кај клиентите,“ изјави Јошевски.
Mинистерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија Стефан Андоновски во рамки на своето обраќање во воведната церемонија посочи дека „Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно. Само со сигурна дигитална инфраструктура, јасни правила и доверба можеме да создадеме побрзи, подостапни и поефикасни финансиски услуги за граѓаните, компаниите и економијата.“

Свое обраќање имаше и проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, кој порача:
„Нашата заедничка задача е да создадеме финансиски систем кој ќе биде отворен за иновации, но истовремено стабилен, одговорен и насочен кон заштита на граѓаните. Само така кредитирањето може да стане вистински двигател на економскиот раст, довербата и подобриот пристап до финансии за сите,“ порача гувернерот Трајко Славески во својот воведен говор.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека пристапот до финансии е прашање на конкурентност и дека на компаниите им се потребни решенија што ќе им овозможат раст, инвестиции и поголема регионална присутност.

„На бизнисот му требаат решенија, а не бариери. Потребен ни е поширок финансиски екосистем што ќе им даде на компаниите поголем избор, поголема флексибилност и повеќе можности,“ порача Азески.
Дискусијата од првиот ден покажа дека прашањето повеќе не е дали кредитирањето ќе се промени, туку како тоа да се осигури дека промената ќе донесе поголема вредност за луѓето, бизнисите и економијата и како да создадеме финансиски систем што ќе биде побрз и поинклузивен, но истовремено и одговорен, сигурен и одржлив.
MicroBalkans 2026 продолжува на 25 септември, со дискусии за регулаторната рамка, дигиталната трансформација, одговорното управување со наплатата и можностите за развој на финансискиот сектор во регионот.



















