Претседателот на Јужна Кореја ја критикуваше Украина затоа што обелодени доверлива информација

Макфакс

24/09/2026

21:09

236

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Јужна Кореја Ли Џе-мјунг ја обвини Украина за прекршување договор за доверливост поради објавување на информации за севернокорејски воени заробеници кои биле префрлени во Јужна Кореја, што предизвика дипломатски и безбедносни загрижености.

Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе-мјунг, ја обвини Украина дека го прекршила договорот за доверливост со тоа што објавила дека двајца севернокорејски воени заробеници, заробени од украинските сили, биле префрлени во Јужна Кореја.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно соопшти дека Украина ги заробила двајцата војници во јануари 2025 година во руската област Курск.

Зеленски на социјалните мрежи напиша дека севернокорејските војници „не било лесно да бидат заробени живи“.

Јужнокорејскиот претседател вечерва преку платформата Икс одговори и на критиките на опозицијата, која прашуваше зошто јавноста во Јужна Кореја за пристигнувањето на заробениците дознала од странски претседател.

„Не знам зошто украинската страна го прекрши договорот и ја објави оваа информација. Тоа е многу разочарувачки“, рече Ли.

Според него, прашањето за префрлањето на севернокорејските заробеници во Јужна Кореја е исклучително чувствително и може да има големо влијание врз дипломатијата, безбедноста и состојбата на Корејскиот Полуостров.

Ли наведе дека имало барања информацијата за префрлањето на заробениците да биде јавно објавена.

„Сепак, имајќи ги предвид проблемите што можеа да произлезат од објавувањето на таа информација, се согласивме дека задржувањето на доверливоста е исправен потег“, додаде Ли.

Според Уставот на Јужна Кореја, сите Корејци, вклучително и оние што живеат во Северна Кореја, се сметаат за нејзини државјани. Јужнокорејските власти претходно нагласија дека ова се однесува и на севернокорејските војници заробени во Украина.