ЕУ предупредува на нова енергетска криза поради растот на цените на нафтата и гасот

Макфакс

26/09/2026

09:02

962

Големина на фонт

а а а

Европската Унија предупредува на појава на нова енергетска криза предизвикана од зголемените цени на нафта и гас поради влијанието на конфликтот со Иран и препорачува преземање мерки за намалување на потрошувачката и зголемување на складиштата за претстојната зима.

Европската Унија се соочува со нова криза со цените на енергијата, поттикната од последиците од војната со Иран врз светските пазари на нафта и гас.

Предупредувањето го упати еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен во писмо до министрите за енергетика на земјите-членки, во кое повикува на дополнителни мерки за намалување на потрошувачката.

„Се соочуваме со ценовна криза која е поврзана со кризата во снабдувањето“, наведува Јоргенсен во писмото до кое дошол „Ројтерс“.

Иако Европската Унија денес е подобро подготвена отколку во зимата 2021 година, кога Русија ги намали испораките на гас кон Европа, европскиот комесар предупредува дека државите мора дополнително да се подготват за претстојната зима.

Од земјите-членки се бара да размислат за мерки со кои ќе се обезбеди што поголема наполнетост на складиштата со гас, но и ќе се намали потрошувачката на гас и електрична енергија.

Според Јоргенсен, таквите мерки треба да се применуваат онолку долго колку што е потребно, во зависност од развојот на состојбата со снабдувањето и цените на енергенсите.