[ВИДЕО]„На здравје!“ – потегот на легендата на Вердер го обиколи светот

Точка

27/09/2026

11:34

516

Големина на фонт

а а а

Поранешниот бразилски фудбалер Аилтон уште еднаш покажа зошто има статус на еден од најголемите миленици на навивачите на Вердер.

Легендарниот напаѓач учествуваше на ревијален натпревар меѓу поранешните фудбалери на Вердер и Реал Мадрид, одигран по повод одбележувањето на 100-годишнината од стадионот во Бремен. Меѓутоа, наместо со потег со топката, вниманието го привлече со начинот на кој ја искористи паузата за освежување.

Додека останатите учесници на натпреварот посегнаа по вода, на Аилтон на теренот му донесоа пиво и чашка жесток алкохол. Бразилецот без многу размислување наздрави, ги испи двата пијалаци и со насмевка го продолжи натпреварот. Снимката од необичната „хидратација“ брзо се прошири на социјалните мрежи.

Натпреварот на ветераните беше организиран во рамки на прославата на еден век од постоењето на стадионот Везер, а покрај Аилтон учествуваа и бројни поранешни асови како Диего, Налдо, Пер Мертезакер, Иван Класниќ и Торстен Фрингс. За ветераните на Реал Мадрид беа најавени Пепе, Кристијан Карембе и Естебан Камбијасо.

Аилтон најдобрите години од својата кариера ги помина токму во Вердер, со кој во 2004 година ги освои Бундеслигата и Купот на Германија. Истата година беше најдобар стрелец во германското првенство со 28 погодоци и стана првиот странец прогласен за најдобар фудбалер на годината во Германија.

Судејќи според најновата снимка, популарниот „Kugelblitz“ не го загубил чувството за забава – се променила само неговата омилена форма на освежување.