Зад мускулестиот изглед се криела тешка борба: Сталоне за првпат призна дека се борел со сериозно нарушување

Точка

28/09/2026

18:39

449

Големина на фонт

а а а

Силвестер Сталоне со децении беше синоним за мускулести акциони херои, но зад изгледот што го покажувал во филмовите како „Роки“ и „Рамбо“ се криела многу потешка приказна.

Денес, 80-годишниот актер за првпат отворено проговори за тоа колку го чинел стремежот кон одреден физички изглед и откри дека во еден период развил булимија.

Во големото интервју за „Њујорк тајмс“ Сталоне зборувал за својот однос кон телото и објаснил дека во текот на кариерата почнал да го доживува како еден вид оклоп.


Неговиот изглед се менувал заедно со ликовите што ги глумел. Роки на почетокот требало да изгледа како обичен маж, додека за Рамбо сакал да создаде значително подив, поагресивен и поатлетски изглед. Но, она што започнало како физичка подготовка за улогите, со текот на времето, како што признал, прераснало во нешто многу посериозно.

Актерот искрено: „Стана опсесија“

„Стана опсесија. Многу лоша. Дојде до тоа да станам булимичен“, признал Сталоне, изненадувајќи ја и новинарката која го интервјуирала.

Особено екстремен период бил за време на снимањето на филмот „Роки III“, кој бил објавен во 1982 година. Сталоне тврди дека тогаш процентот на телесни масти го намалил на само 2,6 отсто.


Тој раскажал дека не можел да ја задржи храната во себе или не сакал да ја задржи, бидејќи станал опседнат со одржувањето на тогашната физичка форма. Од денешна перспектива, таквиот однос кон сопственото тело го опишува како еден вид опсесивно обожавање на физичкиот изглед.

Сталоне во истиот разговор отворено зборувал и за користењето стероиди во периодот кога одржувал екстремна физичка форма. Објаснил дека ги земал во циклуси, но денес признава дека сето тоа оставило сериозни последици.


Промената дошла со сосема поинаква улога

Од притисокот што самиот си го наметнувал почнал да се ослободува дури години подоцна. Како важна пресвртница го издвои филмот „Cop Land“ (Земја на полицајците) од 1997 година, во кој морал да изгледа сосема поинаку од акционите херои по кои бил познат.


Во тој филм го глумел Фреди Хефлин, физички поневпечатлив, подебел и делумно глув шериф. Токму можноста пред камерите повеќе да не мора да изгледа како непобедлив акционен херој му донела одредено олеснување.

Децениите напорни снимања и изведување сопствени каскадерски сцени исто така оставиле последици. Сталоне денес признава дека, кога би можел повторно да донесува некои одлуки, дел од тој физички товар би им го препуштил на други.


Неговото тело, кое со години беше еден од заштитните знаци на неговата кариера, денес повеќе не го доживува како оклоп.

За сето тоа проговорил во пресрет на објавувањето на мемоарите „The Steps“ (Чекорите), кои излегуваат на 29 септември. Во нив се осврнува на својот живот и кариера, но и на многу полични борби кои со децении ги држел подалеку од очите на јавноста.