Македонија е гостин на Словенија во вечерашниот натпревар во Лигата на нации, средба која е супер важна за двете селекции.
Словенците ремизираа со Шкотска без голови, ние бевме надиграни од Швајцарија со 3-0, па двете селекции веруваа и се надеваат на добар, позитивен резултат како излез од кризата затоа што се работи за два состави кои тешко победуваат.
Агим Ибраими како човек кој остави голема трага во словенечкиот фудбал беше интересен за тамошните медиуми и направи одредени споредби пред вечерашниот меч во Љубљана.
-Мора да бидеме реални. Во групата се репрезентациите на Швајцарија, Шкотска и Словенија. Првата цел мора да биде да преживееме. Сè што ќе биде повеќе од тоа е дополнителен плус. Очекуваме бодови и победи против Словенија. Играчите се многу мотивирани, неодамна одигравме добро и во Словенија, -истакна Ибраими.
-Македонците исто така имаат слични проблеми како Словенците. Не можеме да ја најдеме вистинската формација, треба добро да го анализираме ова. Не можеш да изградиш кариера преку репрезентацијата, ако не си стандарден во клубот, тогаш не можеш да бидеш на ниво ниту во репрезентацијата.
-Проблемите на двете репрезентации се слични, играчите сакаат да се докажат пред новиот селектор. Според мене, Словенија не беше доволно опасна против Шкотите. Ни Словенците ниту Македонците не беа на вистинското ниво во последните натпревари, -продолжи Ибраими да анализира за „Спорт Клуб“.
Средбата на „Стожице“ е закажана за 20:45 часот.







