Историски договор меѓу Софија и Атина: Останките на цар Самуил одат во Бугарија

Точка

29/09/2026

17:17

808

Големина на фонт

а а а

По повеќегодишни преговори, Бугарија и Грција постигнаа договор според кој посмртните останки на цар Самуил ќе бидат предадени на бугарската држава, додека Софија за возврат ќе ѝ предаде на Атина вредни црковни предмети од два манастира во Северна Грција.

Договорот го објави бугарскиот премиер Румен Радев, кој на почетокот на владината седница соопшти дека на 3 октомври во Музејот на византиската култура во Солун ќе се одржи церемонија на која останките официјално ќе ѝ бидат предадени на Бугарија.

„По интензивни преговори, Бугарија и Грција постигнаа историски договор за враќање на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил во неговата татковина“, изјавил Радев, претставувајќи ја позицијата на бугарската влада.

Тој посочил дека настојувањата на Бугарија да ги добие останките траат уште од 1965 година, кога грчкиот археолог и професор Николаос Муцопулос ги открил во базиликата Свети Ахил на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро.

„Нам ни се падна историската чест да го постигнеме тоа“, рекол Радев, заблагодарувајќи му се на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за неговата „државничка визија, политичка храброст и волја“ за постигнување на договорот.

Заедно со останките што му се припишуваат на цар Самуил, треба да бидат предадени и останки од уште два саркофази пронајдени во истата црква, за кои се смета дека му припаѓаат на Гаврил Радомир и на други членови на владетелското семејство.


Што ќе добие Грција?

Договорот, сепак, не се однесува само на предавањето на останките. Како дел од поширокиот дипломатски аранжман, Бугарија ќе ѝ предаде на Грција вредни црковни предмети поврзани со манастирот Света Богородица Икосифиниса во Пангејските Планини и манастирот Свети Јован Претеча во близина на Серес.

Во информациите за преговорите се споменуваат 48 вредни предмети. Сепак, грчкиот весник „Катимерини“, според пренесените информации, не објавува точен список и број на предметите опфатени со сегашниот договор, па засега не е јасно дали станува збор за сите предмети што Атина ги бара со децении или за однапред договорен дел од нив.

Грчката страна тврди дека црковни предмети од двата манастира биле однесени во Бугарија во различни периоди, меѓу кои и за време на Првата светска војна. Дел од нив подоцна биле вратени, додека други останале во бугарски музеи, библиотеки и црковни збирки. Прашањето за нивното враќање со години е предмет на барања од грчка страна. 

Бугарската страна, пак, во спорот ги посочувала историските и правните специфики, како и фактот дека дел од предметите со децении се дел од заштитени јавни и научни колекции.

Во последниот период Атина ги засилила напорите за нивно враќање, а меѓу оние кои биле особено ангажирани околу ова прашање е и митрополитот Серски и Нигритски Теологос.


Преговорите добиле нов импулс во 2022 година

Иако разговорите за ова прашање траат со години, темата повторно посериозно била отворена во 2022 година, за време на бугарската влада на Кирил Петков.

Во разговорите со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во тој период двете земји разговарале за енергетиката, електроенергетските врски, инфраструктурата, логистиката и пристаништата, а во рамките на пошироката соработка било отворено и прашањето за останките на средновековниот владетел.

Грчкиот весник „Нафтемборики“ пишува дека процесот започнат во 2022 година сега се заокружува со потег со силна симболика во грчко-бугарските односи. 


Останките на цар Самуил, кој владеел од 997 до 1014 година, биле пронајдени во 1965 година во еден од четирите саркофази во базиликата Свети Ахил. Оттогаш се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун.

По официјалното предавање на 3 октомври, останките треба да бидат транспортирани од Грција во Бугарија со авион „Spartan“, по што ќе бидат положени во посебен саркофаг во црквата Света Софија во Софија. 

Радев ги повика граѓаните да присуствуваат на церемонијата во Софија и да му оддадат почит на владетелот. Според најавите, останките ќе бидат пречекани на 3 октомври во 12:30 часот на плоштадот Принц Александар I, пред поранешната Принцова палата, по што ќе бидат однесени во црквата Света Софија.