[ВИДЕО] Колку вреди македонското историско наследство? „Македониумот“ во Крушево се најде во спотот на песната „Секси мама“ на косовски рапер - за околу 500 евра

Точка

29/09/2026

14:00

820

Големина на фонт

а а а

Новиот музички спот на познатиот косовски рапер Дон Џони предизвика внимание во јавноста, откако дел од видеото е снимено во споменичкиот комплекс „Илинден“, познат како „Македониум“, во Крушево.

Спотот за песната „Секси мама“ веќе има повеќе од 4,3 милиони прегледи, а токму сцените снимени во еден од најпрепознатливите македонски меморијални комплекси отворија дискусија на социјалните мрежи за начинот на кој треба да се користи овој простор.

Во дел од видеото, „Македониумот“ е претставен како канцелариски простор, односно како дел од сценографијата во која се одвиваат сцените од музичкиот спот. Начинот на кој е прикажан објектот предизвика различни реакции кај јавноста, особено поради неговото историско и меморијално значење.

За снимањето, како што изјавил директорот на Историскиот музеј во Крушево за „СДК“, продукцијата претходно побарала дозвола, која им била одобрена. Според информациите, споменикот бил изнајмен за снимањето за сума од околу 500 евра.


„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, изјавил Миха Оџаклиески.

„Македониумот“, е свечено отворен на 2 август 1974 година, по повод 71-годишнината од Илинденското востание и 30-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.


Автори на комплексот се архитектите Јордан и Искра Грабул, а неговата архитектура и симболика се поврзани со борбата за слобода и државност. Со својата препознатлива форма, „Македониумот“ со децении е еден од симболите на Крушево и значаен дел од македонското културно и историско наследство.

Токму поради ваквото значење, дел од реакциите на социјалните мрежи се критички и се однесуваат на прашањето дали и на кој начин ваков меморијален простор треба да се користи како локација за комерцијални и музички продукции.


Од друга страна, снимањето било реализирано со претходно побарана и дадена дозвола од надлежната институција, што дополнително го отвори прашањето за критериумите според кои се одобрува користењето на комплексот за вакви содржини.

Без оглед на реакциите, „Македониумот“ повторно се најде во центарот на вниманието, овојпат и пред публика надвор од Македонија, преку спот кој веќе бележи милиони прегледи.