Американката Ејми Џинџер Харт (34) со години верувала дека отстранувањето на влакната од телото е нешто што едноставно се очекува од жените. Таа го сметала тоа речиси за обврска и редовно се бричела.
„Долго време мислев дека бричењето е речиси задолжително, па го правев тоа со години“, изјавила таа. Поради партнер кој сакал нејзината кожа да биде целосно мазна, пробала и депилација со восок. „Сакав да му бидам секси, но со текот на времето сфатив дека едноставно не вреди толку да се трудам“, објаснила таа и рекла дека целиот процес ѝ бил напорен, а непријатно ѝ било и чувството кога влакната повторно почнувале да растат. „Го мразев тоа“, додала таа.

Кога пред 10 години одлучила целосно да престане да ги отстранува влакната, се изненадила кога сфатила дека некои мажи всушност го сметаат природниот изглед за привлечен. Креаторката на содржини, која на Инстаграм и ТикТок ја следат околу еден милион луѓе, вели дека многу од нејзините следбеници тешко би прифатиле повторно да ја видат целосно избричена.

„Искрено мислам дека многу од моите следбеници би се вознемириле ако ги отстранам влакната“, изјавила Ејми. „На интернет добивам куп коментари од непознати луѓе кои пишуваат: ’Фуј, одвратно‘, но во живо никој никогаш не се жали“, истакнала таа.
Таа смета дека изгледот на телото не е пресуден за привлечноста. „Мислам дека на мажот кој навистина го привлекувате нема да му пречат влакната на вашето тело. Веројатно и тие ќе му бидат привлечни бидејќи многу му се допаѓате“, објаснила таа.

Ејми смета дека дел од интересот произлегува од фактот што влакната на женското тело сè уште ретко се гледаат во популарните и сексуализираните содржини. „Културолошки сме условени да мислиме дека жените треба да бидат без влакна и дека тоа е стандард за убавина“, изјавила таа. „Кога нѝ се кажува дека нешто не е дозволено или кога не го гледаме често, околу тоа се создава одредена мистичност“, објаснила Ејми.

Одлуката да престане да користи брич, како што рекла, ѝ донела поголема самодоверба и ѝ помогнала да го прифати своето тело во неговата природна форма. Смета дека тоа се одразило и на нејзиниот успех.

„Денес сум многу, многу поуспешна отколку во периодот кога ги отстранував сите влакна од телото. Сфаќате дека многу од правилата за тоа што луѓето би требало да го сметаат за привлечно, всушност се измислени. Секогаш ќе има луѓе на кои ќе им се допаѓа токму она што ве прави такви какви што сте“, заклучила Ејми.