Илјадници снимки од „Ѓаволското тркало“ (Teufelsrad), популарна атракција на минхенскиот Октоберфест, во последните години завршиле на интернет. Тие носат наслови како „Sexy Drunk Girls“ или „Hot Ride at Oktoberfest“, а прикажуваат жени во дирндл на атракцијата, при што на некои кадри се гледа и нивната долна облека.
Досега не беше познато кој систематски ги снима, обработува и објавува ваквите содржини на платформи како Јутјуб, Инстаграм или ТикТок. Меѓутоа истрагата на Баварското радио (БР) сега покажува дека зад голем број од снимките стојат лица од Баварија, но и професионални креатори на содржини од Украина, кои ги користат за да го зголемат досегот на своите профили на социјалните мрежи.
Истражувачкиот тим на БР разговарал со жена која се појавува во вирална снимка прегледана повеќе од 74 милиони пати. На снимката се гледаат нејзините голи нозе и долната облека, додека корисниците во коментарите оставале бројни понижувачки пораки.

„Во еден момент, искрено, бев очајна“, рекла таа и додала дека мажите често ја препознавале и ѝ приоѓале токму поради таа снимка.
Според сознанијата на БР, за објавувањето најверојатно е одговорен маж од Баварија. Со него може да се поврзат повеќе од десет профили на различни платформи. Најуспешните снимки од „Ѓаволското тркало“ на тие профили, кои во меѓувреме биле отстранети, заедно собрале неколку стотици милиони прегледи.
Откако германските новинари испратиле прашања, дел од содржините биле избришани. Мажот не одговорил на прашањата на новинарите. Друго лице од Баварија најавило дека повеќе нема да објавува снимки од „Ѓаволското тркало“, откако добило прашања од БР.

Истрагата довела и до профил на жена од Горна Баварија. На нејзините снимки камерата во повеќе наврати намерно се насочува меѓу нозете на жените кои се лизгаат по атракцијата. Во летото 2024 година таа напишала на платформата Икс: „Бев секој ден на Октоберфест и во текот на 18 дена направив повеќе од 600 снимки“.
На една интернет-страница таа го нудела својот материјал на продажба. За неколку стотици евра можеле да се купат повеќе од 500 необјавени снимки. Ниту таа не одговорила на прашањата на БР.
Во деновите по новинарските прашања, спорните содржини биле отстранети, а два профили за кои се претпоставува дека ги водела таа биле целосно изгаснати.
Според резултатите од истрагата, снимките од „Ѓаволското тркало“ очигледно станале средство за систематско зголемување на досегот на социјалните мрежи. Германските новинари наведуваат дека овој потенцијал го препознала и група автори на Јутјуб од Украина, која изградила заедница со илјадници членови.

Профилите поврзани со оваа мрежа промовирале снимки чии насловни фотографии биле создадени со вметнување фотографии од порнографски филмови во кадри од Октоберфест.
По прашањата од БР, основачите на заедницата преку адвокатска канцеларија во Минхен соопштиле дека спорните содржини се отстранети, но истовремено нагласиле дека со тоа не признаваат никакво несоодветно однесување.
Освен тоа, еден маж во украинска група на Телеграм нудел вакви снимки на продажба. Цената изнесувала шест евра за минута за содржини на кои се појавуваат исклучиво жени, додека снимките на кои се гледаат и мажи чинеле 1,50 евра за минута.
На прашање на новинарите, тој изјавил дека не поседува снимки и дека никогаш не бил во Германија, туку само сакал да провери дали постои интерес за таква содржина. Огласот во меѓувреме бил отстранет.

Гугл, Мета и ТикТок, на чии платформи се наоѓале бројни снимки, соопштиле дека по прашањата од БР ги отстраниле содржините и профилите што ги прекршуваат правилата на нивните платформи.
Организаторите на „Ѓаволското тркало“ преку адвокат соопштиле дека од 2024 година со различни мерки се обидуваат да го спречат снимањето под облеката. Во просторот на атракцијата се поставени известувања на германски и англиски јазик кои предупредуваат дека снимањето под здолниште може да има кривичноправни последици. Доколку постои сомнение за такво однесување, се повикува полицијата.
На овогодишните снимки од атракцијата може да се слушнат и предупредувања до посетителите да не снимаат под здолништата.
Од 2021 година во Германија е казниво снимањето на интимните делови од телото, на пример под здолниште или во пределот на деколтето. За тоа е предвидена казна до две години затвор.

Меѓутоа, параграфот 184к од германскиот Кривичен законик, кој се однесува на таканаречениот „upskirting“ – снимање под здолниште, во многу случаи не може да се примени. Тоа се случува, на пример, кога е снимено целото „Ѓаволско тркало“, кога фокусот не е директно насочен кон интимниот предел или кога лицата носат кратки панталони под облеката.
Дополнителен проблем претставува фактот што Октоберфест е јавна манифестација на која, под одредени околности, е дозволено снимање други лица, поради што правото на сопствениот лик е делумно ограничено.
Сепак, последиците за засегнатите лица можат да бидат сериозни. Јозефине Балон, директорка на организацијата „HateAid“, за БР изјавила: „Тоа е вонредна ситуација, проследена со огромно чувство на губење контрола и, секако, со значително психолошко оптоварување“.

Според неа, многу жртви на сексуализирано насилство преку фотографии и снимки имаат искуство дека институциите не ги сфаќаат ваквите случаи доволно сериозно.
Истрагата на БР покажала и дека некои автори користат вештачка интелигенција за изработка на сексуализирани насловни фотографии од жени на „Ѓаволското тркало“. Станува збор за таканаречени deepfake (дипфејк) содржини.
Една жена раскажала дека секогаш внимавала на атракцијата да влегува исклучиво во панталони. И покрај тоа, на дигитално обработените фотографии била прикажана топлес и без долна облека. Ваквите дипфејк содржини според важечкото законодавство во моментов не се изречно казниви.
Пратеничката од Зелените, Лена Гумниор, за БР зборувала за правна празнина што постои и кај дипфејк содржините и кај класичните снимки, како оние од Октоберфест.

„Тоа е особено ужасно за жртвите кога ќе отидат во полиција, а полицијата на крај мора да им каже дека не може ништо да направи затоа што таквото однесување не е казниво“, истакнала Гумниор.
Таа додала дека проблемот е познат веќе долго време: „За жал, досега политички не е преземено ништо“.
Според плановите на германската влада, снимките како некои од оние од „Ѓаволското тркало“ наскоро би можеле да станат незаконски. Сојузното министерство за правда потврдило дека во иднина би требало да бидат казниви и воајерските снимки направени преку облеката, како и сексуализираните дипфејк содржини.
Нацрт-законот во моментов минува низ постапка на усогласување во рамките на владата, а наскоро би требало да биде доставен до кабинетот на усвојување.
















