Дон Џони за спотот во Македониум: Немавме намера да провоцираме, само сценарио, локација и уметнички проект

Макфакс

30/09/2026

17:41

1.088

Големина на фонт

а а а

Дон Џони се огласи по реакциите на снимен спот во споменикот Македониум, објаснувајќи дека немале намера за провокација, туку дека станува збор за сценарио и уметнички проект. Полемиките се однесуваа на одлуката на музејот кој отстапил простор за снимање, што предизвика реакција од премиерот и оставка од директорот.

Косовскиот рапер Дон Џони се огласи по реакциите во јавноста откако дел од видеоспотот за неговата нова песна „Секси мама“ беше снимен во споменикот „Македониум“ во Крушево.

„Ниту јас, ниту мојот тим немавме намера да провоцираме, навредиме или да ја намалиме вредноста на кое било место или симбол“, напиша раперот, пренесоа албанските медиуми.

Според него, локацијата била избрана од продукцијата како дел од сценариото на видеоспотот.

„Никаква тенденција, никаква провокација. Само сценарио, локација и уметнички проект. Немам потреба да создавам провокации за да добијам внимание“, порача Дон Џони.

Полемиките главно се однесуваа на одлуката на раководството на НУ Историски музеј – Крушево да го отстапи „Македониум“ за снимање на спотот без да обрати внимание на содржината, а не на самиот изведувач. Директорот Миха Оџаклиески потврди дека Управниот одбор донел одлука просторот да биде отстапен за 500 евра за неколку часа.


„Македониум“, односно споменикот „Илинден“, има големо историско и меморијално значење. Во комплексот се претставени Илинденското востание, Крушевската Република, НОБ и АСНОМ, а во куполата се наоѓа вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев.

Претходно денеска реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ваков тип институции не треба да се изнајмуваат и користат за вакви намени и најави дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор. Тој им се извини и на граѓаните за направениот пропуст.

Оџаклиески во меѓувреме поднесе неотповиклива оставка. Во образложението наведе дека не бил прекршен закон, правилник или одлука, но признал пропуст во проценката и ја презел моралната одговорност.