Министерот Борче Серафимовски ја потенцира важноста на развојот на органското производство како современа економска дејност која носи повисока вредност и зголемени приходи за производителите. Тој ги отвори меѓународните саеми „Органска трпеза 2026“ и „АгроМак 2026“ во Куманово, истакнувајќи контрола, сигурна сертификација и квалитет на домашните органски производи.
Го поддржуваме органското производство да се развива како современа економска дејност што создава повисока додадена вредност и поголеми приходи за производителите, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој денес во Куманово ги отвори деветтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза 2026“ и петтиот Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак 2026“.
„Органското земјоделство е современ, прецизен и контролиран начин на производство што бара знаење, следливост и одговорност кон животната средина и здравјето на луѓето. Органскиот производител заслужува систем што ќе го препознае неговиот дополнителен труд и ќе го заштити од погрешно декларирани производи и нелојална конкуренција“, истакна министерот Серафимовски.
Тој нагласи дека политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се насочуваат кон засилена контрола, сигурна сертификација, потврден квалитет и поголема видливост на домашните органски производи.
„Добриот производ се создава на нива или на фарма, но неговата вредност се потврдува на пазарот. Новата механизација, дигиталните решенија, прецизното наводнување и современата опрема за преработка им овозможуваат на производителите порационално да ги користат ресурсите, да ги намалат загубите и да создаваат повисок квалитет“, порача министерот Серафимовски.
Организатори на „Органска трпеза 2026“ и „АгроМак 2026“ се здружението „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и Општина Куманово, а на манифестациите учествуваат производители, изложувачи и гости од земјата и од странство.












