[ФОТО/ВИДЕО] Ученичките протести излегоа од контрола: Запалиле училиште и противпожарно возило, а директорот го полеале со бензин

Точка

01/10/2026

18:04

1.911

Големина на фонт

а а а

Ученичките протести во Франција, поттикнати од недостигот на наставници, лошите услови во училиштата и незадоволството од образовниот систем, прераснаа во сериозни нереди. Во повеќе француски градови избувнаа пожари и судири со полицијата, а биле забележани и голем број апсења.

Особено драматична ситуација била забележана во Марсеј, каде што било запалено училиште. Кога пожарникарите пристигнале на интервенција, ги опкружила поголема група млади, која ги принудила да го напуштат противпожарното возило. Потоа бил запален и камионот.

Во истиот град бил нападнат и директор на училиште. Според достапните информации, група насилници физички го нападнала и го полеала со бензин.

Нередите не останаа ограничени само на Марсеј. Пожар избувнал и во едно училиште во Нант, додека протестите и инцидентите се прошириле и во други делови од земјата.

За време на немирите низ Франција биле уапсени околу илјада лица, меѓу кои голем број тинејџери. Учениците, од друга страна, ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила за време на интервенциите, вклучително и употреба на солзавец.

Протестите започнаа минатиот петок во средните училишта во поширокото подрачје на Париз, а учениците бараат поголеми вложувања во образованието, повеќе наставници и обнова на дотраените училишни згради.


Тие тврдат дека училниците се пренатрупани, дека недостига наставен кадар и дека постојните услови го отежнуваат одржувањето на наставата и подготовката за испитите.

Владата го осуди насилството, додека синдикатите предупредија дека одговорот на властите не треба да биде насочен против младите кои протестираат.


Дополнителна напнатост предизвика националниот штрајк на вработените во јавниот сектор, одржан во вторникот. Според податоците на синдикатите, на улиците излегле повеќе од 300.000 луѓе.

Вработените во јавниот сектор предупредуваат на пад на реалната вредност на платите. Нивните плати од 2017 година пораснале за околу пет отсто, додека инфлацијата во истиот период изнесувала приближно 24 отсто.


Во заднина на протестите е и загриженоста поради можните кратења во државниот буџет за 2027 година. Францускиот премиер Себастијан Лекорни во четвртокот го претстави буџетот за 2027 година, со кој владата планира да го намали дефицитот преку мерки за штедење и зголемување на одредени даночни приходи.

Планот предвидува вкупно 54 милијарди евра мерки, меѓу кои замрзнување на платите во јавниот сектор и на поголемиот дел од пензиите, додека приходите од ДДВ би се зголемиле за повеќе од седум милијарди евра, а приходите од данокот на доход за 5,7 милијарди евра.


Инаку, францускиот јавен долг достигна 119 отсто од БДП, а државата следната година ќе мора да обезбеди рекордни 340 милијарди евра преку ново задолжување.

Буџетот би можел да наиде на силен отпор во поделениот парламент.