Новата сезона на хит-серијата предизвика бес: „Немаат ни трошка почит кон жртвите“

Точка

04/10/2026

09:56

459

Големина на фонт

а а а

Новата, 13. сезона од серијата „American Horror Story“ (Американска хорор-приказна) на Рајан Марфи предизвика бурни реакции кај дел од гледачите поради начинот на кој е прикажан серискиот убиец Џефри Дамер.

За новата сезона Марфи повторно собра низа познати лица од серијата. Се вратија Сара Полсон, Еван Питерс, Анџела Басет, Кети Бејтс, Ема Робертс, Били Лурд, Габури Сидибе, Лесли Гросман и Џесика Ланг.

Дамер накратко се појавил и во сезоната „Хотел“ пред околу десет години, но неговото враќање сега предизвика многу повеќе критики. Во една од сцените Еван Питерс повторно го глуми господинот Марч, сопственик на хотел и сериски убиец, додека Сет Гејбл го толкува Дамер. Двајцата седат во такси и разговараат за својот „апетит“ за убивање.


Инаку Џефри Дамер бил вистински американски сериски убиец кој меѓу 1978 и 1991 година убил 17 мажи и момчиња. Многу од неговите жртви биле припадници на афроамериканската и на други малцински заедници.

Сцената со апликацијата за запознавање особено ги налутила гледачите

Особено бурни реакции предизвикала сцената во шестата епизода во која Дамер разгледува апликација за запознавање слична на „Гриндр“, наменета првенствено за геј и бисексуални мажи.

Во сцената тој коментира дека поради таквата апликација пронаоѓањето потенцијални жртви станало „речиси премногу лесно“. Токму хумористичниот тон со кој е обработена темата за вистински сериски убиец ѝ пречи на дел од публиката.

Еден корисник на Икс потсети дека Дамер не е измислен лик, туку вистинска личност одговорна за смртта на 17 луѓе, меѓу кои најмладата жртва имала само 14 години.

„Тој не е измислен лик, ниту некој кој треба да се користи за комични скечеви“, напишал корисникот, обвинувајќи го Марфи за непочитување кон жртвите и нивните семејства.

Друг корисник уште пократко ја сумирал причината за незадоволството: „Седумнаесет вистински семејства мора да гледаат како убиецот на нивните синови добива комична сцена“.

Меѓутоа дел од публиката, сепак, застана во одбрана на серијата, истакнувајќи дека „Американска хорор-приказна“ не претставува документарен приказ на вистински настани и дека станува збор за фикционализирана верзија на историска личност.


„Тоа е актер кој глуми измислен лик инспириран од Дамер. Се надевам дека еден ден ќе можеш да уживаш во уметноста без вакви чувства“, одговорил еден корисник на критиките.

Марфи и претходно бил критикуван поради Дамер

Ова не е првпат Рајан Марфи да предизвика контроверзии со начинот на кој го прикажува Џефри Дамер. Големи полемики ја следеа и серијата на Нетфликс „Dahmer – Monster: The Jeffrey Dahmer Story“ (Дамер – Чудовиште: Приказната за Џефри Дамер) од 2022 година, во која Дамер го глумел Еван Питерс. Дел од семејствата на жртвите тогаш јавно ја критикувале серијата и начинот на кој нивните трагедии повторно биле претворени во забавна содржина.

Коавторот на серијата, Ијан Бренан, ги отфрлил тврдењата дека авторите се обидувале да го хуманизираат или величаат серискиот убиец.

„Не се обидуваме да ги хуманизираме, туку да ги прикажеме како припадници на човечкиот род“, изјавил тој тогаш за „Варајети“ додавајќи дека целта била да бидат прикажани како луѓе, но не и да бидат направени симпатичи.