Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер нема да се појават во новиот документарец на Нетфликс „The One About Matthew Perry“ (Оној за Метју Пери), посветен на животот и наследството на нивниот починат колега Метју Пери.
Според извор на „Пејџ сикс“ продуцентите наводно ги контактирале сите петмина актери од „Пријатели“, но тие одлучиле да ја одбијат поканата.
„Ги контактираа, но одлучија дека не сакаат да учествуваат“, изјавил изворот.

Друг извор тврди дека Џенифер Анистон не сакала да учествува затоа што би ѝ било премногу тешко повторно јавно да зборува за смртта на Пери.
„Нема шанси Џен некогаш да се согласи на такво нешто. Не сака да седи пред камери и да плаче. Не сака повторно да поминува низ тоа, особено не пред очите на јавноста“, изјавил извор за „Пејџ сикс“.
Пери претходно зборувал за блискоста со Анистон, а во интервју со Дајан Соер во 2022 година открил дека токму таа од колегите од серијата најчесто му се јавувала додека се борел со зависноста.

Документарецот носи досега необјавени снимки
„Оној за Метју Пери“ е документарна серија во три дела на режисерката и добитничка на наградата Еми, Мери Робертсон, а на Нетфликс пристигнува на 27 октомври, три години по смртта на Пери.
Серијата ќе го следи неговиот подем до светска слава, приватните проблеми и борбата со зависноста, а ќе содржи и досега необјавени фотографии и снимки од приватната архива на семејството Пери.
Во документарецот за првпат подетално зборува и неговата сестра, Миа Пери Буик.
„Ми требаше време да бидам подготвена да ги споделам овие спомени и да зборувам за тоа како беше да се сака Метју, со сета сложеност на неговиот живот“, истакнала таа.
Режисерката Робертсон објаснила дека во серијата сакале да прикажат каков бил Пери далеку од очите на јавноста, преку приказните на луѓето кои го познавале и го сакале.

Пери почина во 2023 година
Метју почина на 28 октомври 2023 година, на 54-годишна возраст, откако бил пронајден без свест во хидромасажната када во својот дом во Лос Анџелес.
Канцеларијата на мртвопроверителот на округот Лос Анџелес утврди дека причината за смртта биле акутните ефекти од кетамин, додека давењето, коронарната болест и ефектите од бупренорфинот биле наведени како фактори што придонеле за смртта. Неговата смрт беше прогласена за несреќен случај.
Во случајот поврзан со смртта на Пери, пет лица ја признаа вината за различни кривични дела поврзани со набавката и дистрибуцијата на кетамин, меѓу кои неговиот личен асистент Кенет Ивамаса и двајца тогашни лекари.

Пери со години отворено зборувал за проблемите со алкохолот и дрогата, а своите искуства со зависноста и закрепнувањето ги опишал и во мемоарите „Friends, Lovers, and the Big Terrible Thing“ (Пријатели, љубовници и големата страшна работа), објавени во 2022 година.
















