Ќе чини помалку од 15.000 евра? „Citroen“ го враќа моделот кој ја одбележа автомобилската историја

Точка

05/10/2026

11:56

696

Големина на фонт

а а а

„Citroen“ го враќа „2CV“: Новиот електричен градски автомобил пристигнува во 2028 година.

„Citroen“ го подготвува враќањето на еден од своите најпознати модели. Легендарниот „2CV“ ќе биде претставен на 11 октомври на Саемот за автомобили во Париз, најпрво како концепт, додека сериската верзија би требало да пристигне во 2028 година.

Новиот „2CV“ ќе биде целосно електричен градски автомобил, со дизајн инспириран од оригиналот.

Првите тизери ги откриваат карактеристичниот ребрест преден капак, полукружните LED фарови кои излегуваат од заоблените крила, ретро рачките и тркалата, како и трепкачите поставени на C-столбот.

На предниот дел се наоѓа и осветленото лого на „Citroen“ со двојниот „шеврон“.


Моделот би требало да биде помал од „Citroen C3“ и практично да ја пополни празнината што ја оставија „C1“ и „C2“. Сепак, клучната карактеристика ќе биде цената.

„Citroen“ претходно најави дека серискиот „2CV“ би можел да чини помалку од 15.000 евра пред субвенциите, што би го направило најевтиниот автомобил на францускиот производител. Поевтиниот „Ami“, поради законската класификација, се води како тежок четирицикл.

Новиот „2CV“ би требало да користи посебна механичка платформа развиена имајќи ги предвид новите европски правила за достапни електрични автомобили.

Се очекува истата основа да ја користи и еден иден модел на „Fiat“.

Во Европа, новиот „Citroen“ ќе се соочи со сè поголем број достапни електрични модели, меѓу кои се „Dacia Spring“, „Renault Twingo“, „Nissan Pixo“ и „BYD Dolphin Surf“.


Враќање на легендата

Оригиналниот „2CV“ дебитираше токму во Париз во 1948 година. Автомобилот бил развиен со идеја да биде едноставен, практичен и доволно издржлив за возење по лоши патишта.

Неговото производство траело дури 42 години, а до 1990 година биле произведени околу 5,1 милиони примероци.


Препознатливиот облик и специфично поврзаната суспензија останале дел од идентитетот на моделот во текот на целиот негов производствен век.

Покрај „2CV“, „Citroen“ во Париз ќе претстави уште еден, засега неименуван концепт, како и „C3 Aircross Marine Nationale Concept“, „Outdoor“ верзии на моделите „Ami“, „C3“ и „C3 Aircross“, серијата „Collection“, специјалниот „C5 Aircross Emeraude“ и болидот „GEN4“ за Формула Е.