[ВИДЕО] Работата ќе биде хоби, а сметките? Џон Стјуарт ги исмеа ветувањата за AI-рајот

Точка

06/10/2026

16:23

705

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција ќе го излечи ракот, ќе ја елиминира сиромаштијата и ќе ни обезбеди живот во изобилство. Кога? Еден ден. Што ќе работиме дотогаш? Тешко е да се замисли. Но, без грижа – луѓето што ја градат таа иднина се прилично уверени дека треба да продолжиме да им веруваме.

Токму овој јаз меѓу грандиозните ветувања и прилично нејасните одговори е во центарот на сатиричниот осврт на Џон Стјуарт во „The Daily Show“. Водителот ги соочува изјавите на технолошките лидери со едноставни прашања: кога пристигнува ветениот рај и дали во него ќе има работа за останатите?

Сè ќе биде прекрасно. Датумот дополнително ќе го објавиме

Во прикажаните исечоци се редат ветувања за поквалитетно здравство, подобро образование, справување со климатските промени и лекување тешки болести.

Стјуарт на почетокот реагира со воодушевување какво што и заслужува иднина без рак и сиромаштија.

„Леле, тоа е одлично. Кога ќе се случи?“

Одговорот доаѓа преку монтажа од изјави: „Еден ден“, „Наскоро“, „Во иднина“. Значи, терминот е утврден приближно колку и оној на мајсторот што ветил дека ќе дојде.

„Со нетрпение го очекувам тоа ‘еден ден во иднина’. Само од љубопитност, за што ја користиме AI сега?“, прашува водителот.

Следуваат исечоци за воени дронови, надзор, дезинформации, сајбернапади и алатки за менување на цените според побарувачката.

Стјуарт го сумира контрастот:

„Во иднина ќе ја користиме AI за лекување болести. Но, во моментов, главно за убивање, надзор и поскапување на ‘McRib’ кога расте побарувачката.“

Потоа додава: „Каква размена.“

За болестите ќе почекаме. Сендвичот, изгледа, веќе е подготвен за иднината.

Ќе има нови, подобри работни места. Само не прашувајте кои

По ветувањата за спас на човештвото, Стјуарт решава да постави нешто поприземно прашање.

„Работни места. Ќе ги имаме ли и понатаму?“

Во прикажаните одговори се објаснува дека некои работни места ќе исчезнат, но ќе се појават нови и подобри. Водителот нема ништо против подобра работа. Би сакал само малку поконкретен опис.

„Тоа е во ред. Мислам дека сите сакаме нови, подобри работни места. Па, кои се тие нови, подобри работни места?“

Одговорот дека е тешко да се замислат го предизвикува еден од најострите моменти во монологот:

„Замисливте дека ќе живееме на Марс без болести, ама работните места? Тоа е надвор од границите на космосот.“

Очигледно, полесно е да се испланира животот на друга планета отколку да се објасни од што ќе живеат луѓето на оваа.

Следната голема иновација: спа-центарот

Стјуарт потоа се осврнува на изјава на Џенсен Хуанг од „NVIDIA“, кој изразува уверување дека AI ќе донесе нето-зголемување на бројот на работни места.

„Аха, нето-зголемување. А тие работни места би биле…?“, прашува водителот.

Хуанг зборува за индустрии што не постоеле во еден дел од неговиот живот, а како пример ги споменува велнес и спа-центрите.

Стјуарт веднаш го забележува проблемот со историската временска рамка.

„Извини, се обидуваше да се сетиш на индустрија што не постоела до пред неколку години и ти текна на спа-центри? Имаме нивни урнатини од 2000 година пред нашата ера.“

По ова, водителот бара технолошките лидери да престанат да го заобиколуваат одговорот.

„Можете ли едноставно да признаете дека, ако ова функционира како што велите, повеќе нема да има толку многу работни места?“

Добрата вест: ќе можете да работите од хоби

Во следниот исечок се слуша ветување дека човек и понатаму ќе може да работи, доколку сака, како своевидно хоби.

„Ете ви. Ако сакате работа, ако сè уште ја сакате, можете да ја имате како хоби“, коментира Стјуарт.

Работата, значи, би можела да се пресели во категоријата на градинарството и собирањето поштенски марки. Во оваа прекрасна замисла останува да се дообјасни само што ќе правиме со трошоците што сè уште не прифатиле да станат хоби.

Стјуарт ја насочува иронијата и кон идејата дека луѓето што ја водат оваа трансформација треба самите да се контролираат, без ограничувања што би им го попречиле „важното дело“.

„Претпоставувам дека тие и понатаму ќе имаат работа кога сето ова ќе заврши“, забележува тој.

Со доволно капитализам – право во социјализам

Во завршницата е прикажана изјава на Илон Маск за иднина на изобилство, во која луѓето би имале не само универзален основен, туку универзален висок доход.

Стјуарт конечно го добива одговорот што го барал.

„Ако им дозволиме доволно неограничен капитализам, очигледно со капитализам ќе стигнеме до социјализам.“

Но, ако крајната цел е да се создаде огромно богатство што потоа ќе им се дели на луѓето, водителот има уште едно кратко прашање:

„Зошто да чекаме?“

Во својата сатирична пресметка споменува 50 билиони долари и прашува зошто, наместо да се чека таа иднина, парите едноставно не им се дадат на луѓето сега.

А за тоа како да се нарече таквата помош, веќе има решение што звучи доволно технолошки:

„Не нарекувајте нè паразити на социјална помош. Наречете нè рани корисници.“