Да се најде појадок што е истовремено брз, вкусен и хранлив може да биде предизвик, особено во утрата исполнети со обврски. Овесните снегулки се чест избор поради растителните влакна и придобивките за здравјето на срцето, но постои и едноставна алтернатива што може да се подготви претходната вечер.
Кардиологот д-р Ларс Сондергорд како една од опциите препорачува пудинг од чиа-семе со ореви. „Бара минимален труд и обезбедува изобилство од омега-3 масни киселини што ги поддржуваат срцевиот ритам и протокот на крв“, изјавил тој за „Parade“.

Комбинација богата со омега-3 масни киселини
Чиа-семето и оревите содржат алфа-линоленска киселина („ALA“), растителна омега-3 масна киселина. Сондергорд наведува дека „ALA“ може да помогне во намалувањето на воспалителните процеси и нивото на триглицериди, а може и благо да го намали крвниот притисок.

Чиа-семето е богато и со растителни влакна. „Исклучително е богато со растворливи и нерастворливи влакна и нуди слични придобивки како овесот кога станува збор за намалувањето на холестеролот и одржувањето стабилно ниво на шеќер во крвта“, објаснил д-р Сондергорд.

Пудингот се подготвува така што чиа-семето се меша со млеко или растителен пијалак и се остава преку ноќ за да ја впие течноста. Наутро може да се додадат ореви, со што се добива брз појадок богат со растителни влакна и незаситени масти.








