Фонтаната во Тел Авив обоена во црвено на тригодишнината од нападот на Хамас

Макфакс

07/10/2026

13:20

141

Големина на фонт

а а а

Во Израел се одбележуваат три години од нападот на Хамас и други палестински групи што резултираше со голем број жртви. На плоштадот Дизенгоф во Тел Авив, фонтаната беше обоена во црвено како симбол на крвта на жртвите, додека продолжуваат протестите и повиците за истрага.

Во Израел се одбележуваат три години од нападот на Хамас и други палестински вооружени групи на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено како заложник.

Низ земјата се одржуваат комеморации во знак на сеќавање на жртвите. На плоштадот Дизенгоф во Тел Авив, фонтаната беше обоена во црвено, симболизирајќи ја крвта на жртвите, а околу неа беа оставени фотографии, цвеќе и пораки.

Дел од собирите имаа и антивладин карактер. Демонстрантите блокираа еден од главните автопати во Тел Авив и со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите. Антивладини групи бараат јавна истрага за пропустите што доведоа до нападот на 7 октомври.

Нападот во 2023 година започна со ракетен оган од Газа, по што илјадници вооружени лица ја пробија границата и нападнаа израелски населби, воени бази и музичкиот фестивал „Нова“.

Израел потоа започна воена офанзива во Појасот Газа, во која досега загинале повеќе од 74.200 луѓе, според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас.

Иако меѓу Израел и Хамас беше договорено примирје, нападите продолжија. Според Министерството за здравство во Газа, од почетокот на примирјето во израелските напади загинале повеќе од 1.460 луѓе. Израелската армија тврди дека дејствува против закани и со цел да ги заштити своите војници и цивили.