[ВИДЕО] Криста Пајк се разбуди од кома по неуспешната смртна казна: таа е свесна и зборува

Макфакс

07/10/2026

06:50

1.873

Големина на фонт

а а а

Криста Пајк, осудена на смрт во Тенеси, преживеа обид за погубување со две дози од смртоносен лек и е свесна по инцидентот. Случајот предизвика јавна и официјална реакција, вклучувајќи независна истрага и одложување на идни казни.

Педесетгодишната Криста Пајк преживеа обид за погубување при што ѝ беа вбризгани две дози од смртоносниот лек пентобарбитал, а нејзините адвокати соопштија дека таа е свесна. Таа беше префрлена во болница на 30 септември, откако сојузната држава Тенеси не успеа да ја изврши смртната казна во затворот со максимално обезбедување „Ривербенд“ во Нешвил.

„И покрај сите очекувања, Криста Пајк е свесна, зборува и продолжува да добива итна медицинска нега“, изјавија нејзините адвокати на 6 октомври. „Нејзиното закрепнување претставува медицински преседан. Прогнозата останува неизвесна, но очекуваме, во најмала рака, долготрајно закрепнување.“

Адвокатите додадоа дека Пајк сè уште е врзана со лисици за болничкиот кревет, „и покрај тешките повреди на рацете“. Тие им се заблагодарија на екипите за итна помош и на болничкиот медицински тим кои, како што рекоа, „се однесуваа кон Криста како кон човечко суштество и ѝ пружија одлична нега“.

Таа беше приклучена на апарат за вештачко дишење по двете смртоносни инјекции.

Пајк е „единствената личност за која се знае дека преживеала обид за погубување во САД“, истакнаа нејзините адвокати. Сè до 2 октомври, тие известуваа дека таа е во несвесна состојба и приклучена на апарат за вештачко дишење.

Одделот за поправни установи на Тенеси тврди дека нивниот тим го почитувал државниот протокол. „Хемикалијата за смртоносна инјекција што се користи во протоколот досега секогаш била ефикасна, а протоколот не предвидува дополнителни постапки надвор од оние што беа спроведени таа вечер“, соопшти управата.

Гувернерот Бил Ли нареди независна истрага за целиот случај. Тој исто така го одложи единственото преостанато погубување закажано во Тенеси за 2026 година.

Осудена за убиство извршено во 1995 година

Криста Пајк беше осудена на смрт за убиството на нејзината колешка, 19-годишната Колин Слемер, во јануари 1995 година. Пајк во тоа време имала 18 години.

Според судските документи и извештаите, Пајк, заедно со Тадарил Шип и Шадола Питерсон, ја намамиле Слемер во пошумена област. Таму, Пајк и Шип ја нападнале и ја убиле, додека Питерсон чувала стража. Пајк ја претепала Слемер со големо парче асфалт и задржала дел од нејзиниот череп како сувенир. Шип подоцна признал дека врежал пентаграм на градите на жртвата.

Пајк била единствената од обвинетите што добила смртна казна. Шип, кој во времето на убиството имал 17 години, бил осуден на доживотен затвор со можност за условно ослободување. Петерсон добила условна казна од шест години откако се изјаснила за виновна за помагање по извршувањето на кривичното дело.