Кремљ: Путин покажал разбирање за американските предлози за деескалација

Макфакс

10/10/2026

17:30

232

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател, Владимир Путин, покажал разбирање за одредени американски предлози за намалување на тензиите во војната во Украина, кои Доналд Трамп му ги претставил во вчерашниот телефонски разговор, соопшти Кремљ.

„Рускиот претседател со разбирање прими одредени предлози на американската страна за мерки насочени кон деескалација“, изјави портпаролот Дмитриј Песков, пренесуваат ТАСС и РИА Новости. Тој не откри за какви предлози станува збор, ниту дали Путин прифатил конкретни мерки.

Сепак, според неговиот надворешнополитички советник Јуриј Ушаков, Путин му порачал на Трамп дека засега нема услови за брзо продолжување на мировните преговори меѓу Русија, Украина и САД. За застојот ги обвинил украинските напади со дронови врз Москва и избирачки места за време на руските парламентарни избори во септември.

„Сега ќе разгледаме кога овие преговори можат да продолжат“, ја пренесе Ушаков пораката на Путин, јавува Ројтерс.

По разговорот, Трамп објави договор за испораки на руски дизел на американскиот и светскиот пазар, што доведе до привремено ублажување на американските санкции за руското гориво. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше одлуката, предупредувајќи дека дополнителните приходи ќе ѝ овозможат на Русија да продолжи да ја финансира војната.

Според Ројтерс, американски, украински и европски преговарачи во петокот разговарале во Мајами за заеднички мировен предлог што би можел да ѝ биде претставен на Москва во следните недели.

Една од главните пречки за договор остануваат руските територијални барања. Москва бара Украина да ѝ отстапи четири региони што ги прогласи за свои, иако не ги контролира целосно.