Со години била ангел на „Викторија Сикрет“, но сега ја одбиле за ревијата: Веднаш објави видео

Точка

14/10/2026

16:00

485

Големина на фонт

а а а

Манекенката Роми Страјд им откри на своите обожаватели дека нема да настапи на овогодишната ревија на брендот „Викторија Сикрет“. Само една недела пред самиот настан дознала дека не била избрана да ги носи ангелските крилја.

Страјд од 2014 до 2018 година била дел од ревиите на споменатиот бренд, но минатиот месец морала повторно да помине аудиција, бидејќи за организацијата на ревијата на брендот „Викторија Сикрет“ сега е задолжен нов тим. Сепак, не била избрана…


„Отидов во Њујорк на кастинг бидејќи сега таму има целосно нов тим. Веќе го познавав директорот, како и некои луѓе со кои претходно соработував на снимања, но сепак морав да се појавам“, објаснила таа.


Како што истакнала, очекувала да добие одговор, но тоа не се случило.

„Мислев дека брзо ќе дознаам дали ќе настапам на ревијата, но со недели немаше никаков одговор. Претпоставувам дека бев на листата на чекање“, изјавила манекенката. Како што признала, неизвесноста тешко ѝ паднала бидејќи со месеци се подготвувала за враќањето на модната писта.


„Сето тоа психички ми беше прилично напорно, бидејќи морав да продолжам да тренирам, а не знаев дали воопшто ќе настапам. Тренирав цело лето и вложив многу труд. Имам две деца и знаете како оди тоа – по породувањето треба да вложите повеќе напор за да се вратите во форма. Чувствував дека сега е вистинското време да се вратам на модната писта“, раскажала манекенката, која со сопругот Лоренс ван Лувен има две ќерки.


Но, набргу по оваа објава пристигнало и писмото. Роми била одбиена за ревијата, а причината била целосно нејасна. Според зборовите на нејзината менаџерка, „таа била одлична, но организаторите сметаат дека не би се вклопила во ревијата“.

Страјд тврди дека таквото објаснување не се совпаѓало со она што ѝ го кажувале во претходните недели.


„Менаџерката ми рече дека уште претходно ме пречкртале од списокот, што е сосема поинакво од она што ми го зборуваа дотогаш. Во последните недели постојано барав од агенцијата ИМГ да ми кажат што се случува. Сето тоа ми одзема многу време, а имам две деца и семејство за кое треба да се грижам“, објаснила таа.

Страјд признала и дека по сè што се случило, повеќе нема желба повторно да оди на кастинзи за овој бренд.


„Мислам дека никогаш повеќе нема да се пријавувам на нивните кастинзи, бидејќи не ми се допаѓа начинот на кој се однесуваа кон мене. Не ми се допаѓа целиот процес, ниту начинот на кој ме третираа. Повеќе би сакала да ги зачувам убавите спомени што ги имам“, заклучила Роми.