Рускиот претседател Владимир Путин го коментираше пожарот што го предизвикаа украински дронови во рафинерија во Рјазањската област и најави одговор од Москва. Нападите се дел од продолжените конфликти помеѓу Русија и Украина, со влијание врз енергетската инфраструктура.
Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека украинските напади врз руските нафтени рафинерии не предизвикале значителна штета, но најави дека Москва ќе одговори на нападите, објави агенцијата „Интерфакс“.
„Гаѓаат тука и таму, ништо особено сериозно. Сепак, продолжуваат“, рече Путин.
Неговата изјава следува откако утрово голем украински напад со беспилотни летала предизвика пожар во нафтена рафинерија во руската Рјазањска област.
Вчера рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека Украина нападнала нафтени рафинерии во Саратовската и Рјазањската област, иако Киев негираше каква било вмешаност.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено денеска, изјави дека Украина ги запрела нападите врз енергетските објекти на три дена за да одговори на барањата на САД, но дека сега ќе ги продолжи бидејќи Русија и понатаму ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.
„Материјалната штета во моментов се проценува. Итните служби се на терен“, напиша гувернерот на Рјазањската област, Павел Малков, на Телеграм, коментирајќи го нападот врз рафинеријата.
Тој додаде дека во нападите е оштетен и магацин на друга локација, но не наведе дополнителни детали.
Рафинеријата во Рјазањ е во сопственост на рускиот нафтен гигант „Роснефт“ и ја снабдува Москва со гориво. Во изминатите месеци повеќепати била цел на напади со беспилотни летала.
Оваа рафинерија учествува со речиси пет проценти во вкупниот руски капацитет за преработка на нафта.








