Канадската провинција Алберта во понеделник, 19 октомври, ќе одржи необврзувачки референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат дали сакаат да останат дел од Канада или да започнат правна постапка неопходна за распишување обврзувачки референдум за отцепување.
Ова е првпат оваа провинција богата со нафта да го постави прашањето за одвојување од Канада на референдум.
Истражувањата на јавното мислење доследно покажуваат дека мнозинството жители на Алберта, околу 70 отсто, сакаат да останат во Канада, додека приближно една четвртина ја поддржуваат независноста на провинцијата.
За што ќе гласаат граѓаните?
На гласачкото ливче ќе има вкупно десет прашања, при што секое прашање ќе биде на ливче со различна боја. Последното, десетто прашање се однесува на тоа дали Алберта треба да остане канадска провинција или да започне правна постапка неопходна за одржување обврзувачки референдум за отцепување.
Обично мнозинство гласови за започнување на постапката би можело да доведе до покренување на тој процес. Останатите девет прашања не се обврзувачки и се однесуваат на имиграцијата, пристапот до услугите во провинцијата, вклучувајќи ги образованието, социјалната заштита и здравствената грижа, како и на условите за идентификација на гласачите.
Зошто Алберта одржува референдум?
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, во мај, кога најави дека прашањето за отцепување ќе биде додадено на референдумот, изјави дека е време граѓаните да се изјаснат, а потоа да се продолжи понатаму.

Нејзината одлука следуваше по повеќемесечна кампања на помала, но гласна група поддржувачи на независноста. Тие тврдат дека богатството на Алберта, која има силна нафтена и енергетска индустрија, несразмерно им користи на посиромашните делови од Канада, додека бирократијата во Отава го ограничува економскиот потенцијал на провинцијата.
Смит, меѓутоа, порача дека го поддржува останувањето на Алберта во Канада. Според видеото што го објави на социјалните мрежи во средата, таа гласала за таа опција за време на предвременото гласање.
Дали Канада претходно имала слични референдуми?
Да, но не во Алберта. Квебек, провинција во која мнозинството од населението зборува француски јазик, одржа два референдуми за независност, во 1980 и 1995 година. Жителите двата пати гласале за останување во Канада, но во 1995 година разликата во гласовите била многу мала.

Сепаратистичката Партија на Квебек победи на покраинските избори претходно овој месец и вети дека ќе распише трет референдум, но дури откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја напушти функцијата и под услов партијата да освои мнозинство.
На 5 октомври партијата формирала малцинска влада, што значи дека за усвојување закони ќе ѝ биде потребна поддршка од помалите партии.

Канада е федерација составена од десет провинции и три територии. Федералната влада во Отава е надлежна за прашања од национално значење, како што се одбраната, трговијата и надворешната политика, додека провинциите и териториите имаат значителни овластувања во областите на здравството, образованието и правата врз земјиштето.
Кога ќе бидат познати резултатите?
Гласачките места треба да бидат затворени во понеделник во 20 часот по локално време, односно во вторник во два часот по средноевропско време. Изборната комисија на Алберта соопшти дека гласовите ќе се бројат рачно, а гласовите за прашањето за отцепување ќе бидат преброени први.

Резултатите ќе бидат објавувани на веб-страницата на изборната комисија како што ќе пристигнуваат, додека неофицијалните резултати се очекуваат во рок од 48 часа по затворањето на гласачките места.
Што ако мнозинството го поддржи започнувањето на постапката за отцепување од Канада?
Даниел Смит изјави дека ќе го почитува резултатот и брзо ќе ја започне постапката за одржување правно обврзувачки референдум. Сепак, евентуалната независност нема да настапи веднаш.
По референдумот во Квебек во 1995 година, канадскиот парламент во 2000 година усвои закон со кој се пропишува дека преговорите за отцепување можат да започнат само доколку постои јасно мнозинство граѓани кои го поддржуваат тој чекор. Законот не утврдува точен процент на гласови потребен за таквата одлука.
Исто така, ниту една провинција или територија нема еднострано право да ја напушти Канада. За отцепување би била потребна уставна измена, за која би преговарале федералните власти, провинциите и териториите.
Претставниците на домородните народи се противат на идејата за независна Алберта, бидејќи нивните договори со Канада за земјиштето датираат од периодот пред приклучувањето на Алберта кон Канадската федерација.

Во мај, судија во Алберта пресуди дека главниот изборен службеник на провинцијата направил грешка кога им дозволил на сепаратистите да собираат потписи за референдум без претходни консултации со домородните народи, чии права би можеле да бидат загрозени.
Алберта поднесе жалба на оваа одлука.
Што вели премиерот Марк Карни?
Канадскиот премиер Марк Карни, кој поголемиот дел од детството и младоста го поминал во Алберта, претходно изјави дека „најдоброто место за Алберта е во рамките на Канада“ и дека земјата не може да напредува доколку е поделена.

Во видеопораката објавена на 12 октомври, по повод Денот на благодарноста во Канада, тој порача дека националното единство е од клучно значење додека земјата се соочува со надворешни закани, вклучувајќи ја и трговската војна со Соединетите Американски Држави.
Карни водеше кампања за останување на Алберта во составот на Канада.
Фото: Ројтерс
















