[ВО ЖИВО] Десетици илјади на улиците низ Франција, солзавец и насилни судири со полицијата – расте бројот на уапсени

Макфакс

17/10/2026

16:37

681

Големина на фонт

а а а

Француската полиција се судри со демонстрантите низ целата земја. Протестите се одржуваат по повиците за демонстрации против растечките трошоци за живот, на кои им се приклучија и средношколците, кои бараат подобри услови во образованието. Следете ги најновите информации.

🔴 18:15 – „Нема да дозволиме да нè заплашат“, вели францускиот премиер

Францускиот премиер Себастијан Лекорну објави соопштение во врска со протестите.


„Мирните демонстрации имаат свое оправдано место во нашата Република“, напиша тој на социјалните мрежи. „Палењето пожари, грабежите и нападите немаат апсолутно никакво место.“ Полицијата се соочила со „насилство со исклучителен интензитет“, изјави тој. „На оние кои очигледно сакаат да ги искористат овие насилни дејствија како ’загревање‘ пред претседателските избори, јасно им порачувам: нема да дозволиме да нè заплашат. „Никој нема да ја наметне својата политичка агенда преку насилство.“ Со оглед на тоа што „јавните средства се ограничени“, одговорните за насилството треба да ги „сносат трошоците“ за штетата предизвикана за време на протестите, додаде тој.



🔴 17:37 – Француската влада: „Насилството ескалира“

Француското Министерство за внатрешни работи потврди дека денеска десетици илјади луѓе излегле на улиците низ земјата. Меѓу нив, околу 20.000 демонстранти имало во Лион и исто толку во Нант, додека во Рен протестирале уште 10.000 луѓе. „Насилството ескалира“, соопшти Министерството, посочувајќи на „особено сериозни инциденти“, меѓу кои и упад во градското собрание во Марсеј. Како пример за ескалацијата на насилството, Министерството го наведе и пожарот во туристичката канцеларија во Лион, како и инцидентите во кои демонстрантите ги спречувале пожарникарите да ја извршуваат својата работа.

🔴 17:19 – Младинските протести биле „инфилтрирани“ од екстремната левица

Француската новинарка и коментаторка Агнес Поарје изјави дека мирните протести на младите во Франција биле „инфилтрирани“ од, како што ги опиша, речиси професионални провокатори од крајната левица. Таа зборуваше за „многу млади луѓе кои немаат искуство со протести и демонстрации, а меѓу кои се инфилтрирале опортунисти“. „Тоа се радикални левичарски провокатори, кои ги нарекуваме ’Црни блокови‘ (Black Blocs), и тие се речиси професионалци. Има и хулигани и деликвенти“, изјави Поарје. Tаа оцени дека станува збор за „експлозивна комбинација“. „Понекогаш на полицијата ѝ е многу тешко да ги разликува младите демонстранти од комбинацијата на радикализирани, професионални милитанти од крајната левица и хулигани“, рече таа.

🔴 16:52 – Солзавец и водени топови во Париз

Француската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги потисне демонстрантите во главниот град Париз. Дел од демонстрантите кои учествуваат во насилните инциденти носат качулки и маски и фрлаат пиротехнички средства и други предмети кон полицајците на плоштадот Република. На плоштадот и во околните улици се распоредени полициски сили за разбивање демонстрации. Сепак, поголемиот дел од мирните демонстранти се приклучиле на протестен марш што се движи кон северозападниот дел на Париз. Протести и насилни инциденти се регистрирани и во други делови на Франција, меѓу кои Марсеј, Рен, Тулуз и Лион.


🔴 16:36 – Потсетување: што беа протестите на „Жолтите елеци“?

Протестите на „Жолтите елеци“ започнаа во 2018 година по наглото зголемување на даноците на дизел-горивото. Демонстрантите, главно од поруралните делови на Франција, каде што автомобилите се неопходни за секојдневно движење, носеа жолти рефлектирачки елеци, какви што според францускиот закон мора да има во секое возило. Причините за протестите подоцна се проширија и ги опфатија пошироките грижи за трошоците за живот. Во последните недели, демонстрантите во Франција повикаа на обновување на движењето на „Жолтите елеци“.

🔴 16:28 – Демонстрантите во Лил насилно влегле во градското собрание

Демонстрантите насилно влегле во градското собрание во Лил, град во северна Франција, и го вандализирале објектот пред да заминат, соопшти Франс прес. Само неколку минути подоцна, интервентната полиција потврдила дека сите демонстранти го напуштиле објектот.

Насилниот упад се случил неколку часа откако демонстрантите во јужниот град Марсеј со насилно влегување го пробиле патот до градското собрание, пред полицијата да ги истисне од објектот.

🔴16:04 – „Владата ги штити богатите“ – вели демонстрантка

Една од демонстрантките во Париз за Скај Њуз објаснува зошто излегла на улиците. „Со години владата им дели пари на сите, освен на оние на кои навистина им се потребни“, вели таа. Според неа, меѓу оние што се запоставени се даночните обврзници, децата, постарите лица и студентите.


„Никогаш досега не ги штителе богатите толку многу. Болниците едноставно се распаѓаат… студентските соби се распаѓаат над нашите глави“, вели демонстрантката. Таа додава дека луѓето се гневни веќе девет години, очигледно алудирајќи на периодот откако Емануел Макрон првпат беше избран за претседател на Франција во 2017 година, а потоа и во 2022 година.


🔴 15:46 – Бројот на уапсени се искачи на 272

Бројот на уапсени во Франција се искачи на 272, во споредба со претходно објавените 166, соопшти француското Министерство за внатрешни работи. Според министерството, апсењата се поврзани со насилни инциденти во кои учествувале маскирани лица во Париз, Марсеј на југот, Рен на северозападот, Тулуз на југозападот и Анже на западот на земјата.


„Меѓу таквите дејствија се обиди за грабежи, судири со полициските сили, палење уличен инвентар и напади врз институции на власта и медиумски куќи“, соопшти министерството, обвинувајќи ја за немирите, како што ја нарече, „ултралевицата“.

🔴 15:27 – Запален туристички информативен центар во Лион, јавуваат француските медиуми

Според информациите што ги пренесуваат француските медиуми, туристички информативен центар во градот Лион бил запален. Француската телевизија БФМТВ објави дека објектот бил зафатен од пламен во саботата, за време на протестите што се одржуваат низ целата земја поради растечките трошоци за живот. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како пламенот го зафаќа објектот, а густ чад се издига кон небото.



🔴 14:59 – Најмалку 166 уапсени

Најмалку 166 лица се уапсени низ Франција по судирите меѓу демонстрантите и полицијата. Канцеларијата на министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, соопшти дека насилство извршувале маскирани лица во Париз, Марсеј, Рен, Тулуз и Анже.


Надлежните информираа и за напади врз полицајци, палење уличен инвентар, обиди за грабежи и напади врз државни институции и медиумски куќи. Во Марсеј биле оштетени неколку продавници и полициска станица, а дел од демонстрантите накратко насилно влегле во фоајето на градското собрание. Градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан, за телевизијата БФМ изјави дека во фоајето е причинета „ограничена штета“, откако полицијата ги растерала демонстрантите.

🔴 14:43 – Фотографии: Насилство во Париз

Фотографиите од Париз ги прикажуваат припадниците на интервентната полиција како минуваат покрај запалени предмети на улица. Полицијата употребила солзавец, додека маскирани демонстранти се движеле низ облаците солзавец. Протестите се одржуваат поради зголемените трошоци за живот.



🔴14:38 – Француската полиција во судир со демонстрантите

Француската полиција употребила солзавец против демонстрантите во Париз, каде што се очекува десетици илјади луѓе да учествуваат на денешните протести. Судири меѓу полицијата и демонстрантите имало и во Марсеј. Демонстрантите повикаа на протести против растечките трошоци за живот. Протестите започнаа минатиот месец, поради незадоволството на средношколците од условите во образованието. Француските власти соопштија дека до пладне надвор од Париз биле регистрирани 140 протести со вкупно 32.800 учесници. За немирите ја обвинија, како што ја нарекоа, „ултралевицата“.