Деветнаесетгодишниот Заjн Џаваид собра 11 милиони долари за својот стартап „Ghost“, кој развива компјутер дизајниран да управува со лични агенти за вештачка интелигенција, а неговиот прв производ наречен „Core“ чини 3.499 долари.
Инвестициската рунда ја водеше еден од најпознатите американски фондови за ризичен капитал, „Andreessen Horowitz“, кој инвестира и во познати компании како што се Facebook, Instagram, Github, Coinbase...
Првиот производ на „Ghost“ беше замислен како компјутер специјално адаптиран за вештачка интелигенција кој може да извршува задачи во име на корисникот.
За разлика од класичните компјутери, уредот е дизајниран за агентите на вештачката интелигенција да работат континуирано и да поврзуваат податоци од компјутери, апликации и уреди за паметен дом.
Основачот на стартапот го опишува својот уред како „мозок во кутија“, без свој екран, до кој се пристапува преку телефон или апликација.
Уредот поддржува и гласовен режим, но гласовните команди се даваат преку апликацијата.

Џаваид наведува дека долгорочната идеја е вештачката интелигенција не само да чека инструкции, туку да препознава ситуации во кои може да помогне.
Како пример, тој ја наведе можноста „Core“ да поврзе податоци за зголемениот пулс на корисникот, неговата работа доцна во ноќта и сезоната на грип, и врз основа на тоа, да испрати предупредување до корисникот дека може да се разболи.
Цената од 3.499 долари вклучува графичка картичка „Nvidia“ („Nvidia RTX Pro 4000 SFF Blackwell“), наменета за работа со модели на вештачка интелигенција.
Младиот претприемач изјавил дека не е премногу загрижен за конкуренцијата од големите технолошки компании, оценувајќи дека поседувањето на потребните компоненти не мора да значи дека големите компании веќе го направиле истиот производ.

Според него, најголемиот предизвик не е во хардверот, туку во софтверот што треба да му овозможи на моделот на вештачка интелигенција да го разбере животот на корисникот, да го запомни контекстот и самостојно да презема дејствија.