Некои корисници на социјалните мрежи го нарекоа „Роберт Патинсон во улога на народен трибун“, а Елван Беноа последниве денови е насекаде.
Додека едни му се восхитуваат на социјалните мрежи и го прогласуваат за икона, други го критикуваат. Секоја објава во која се појавува веднаш станува вирална, пишува швајцарскиот „Блик“.
Седумнаесетгодишниот Елван се најде во центарот на медиумското внимание откако се појавил на снимка на која го бакнал лидерот на крајнолевичарската партија Непокорена Франција (La France insoumise), Жан-Лук Меланшон, за време на поворката на средношколскиот протест на 6 октомври.
„Средба на народните трибуни!“, напишал лидерот на Непокорена Франција покрај фотографијата со средношколецот од Париз, која ја објавил на Инстаграм.
„Владата не се грижи за сиромашните населби“
Елван привлекол внимание и во видеорепортажата на десничарскиот јутјубер Венсан Лапјер. Тој зборувал за париските предградија и насилството што се појавува за време на одредени блокади на училиштата.
„Во предградијата насилството е многу поприфатливо за поединците бидејќи немаат ништо“, оценил тој.
„Зборував за општествената сегрегација. Постои сиромашна населба и постои богата населба. Владата воопшто не се грижи за првата, додека втората ѝ е исклучително важна“, порачал средношколецот, покажувајќи елоквенција невообичаена за неговите години, наведува „Ле Паризиен“.
„Протестираме од солидарност со учениците од периферијата на Париз“
Елван е ученик во завршната година од средното образование, а на протестот се приклучил заедно со други ученици од своето училиште „Жак Декур“, кое се наоѓа во деветтиот париски арондисман. Токму ова училиште Лапјер го избрал за снимање на својата видеорепортажа.
Тинејџерот со насмевка го поздравил Лапјер и му покажал родителска согласност за снимањето.

„Протестираме од солидарност со сите ученици од периферијата на Париз, особено со оние од предградијата, кои немаат доволно средства за да се загреат во зима и да се разладат во лето. Поради тоа, не можат нормално да ја следат наставата, иако, на крајот на краиштата, и тие се ученици исто како нас“, изјавил Елван, со уредно зачешлана коса со патец настрана и палестинска кефија врзана околу вратот.
„Макрон, Лекорну, доста нѝ е од нив“
Пред камерата детално ги изнел барањата на своите соученици и не ги штедел критиките на сметка на властите.
„Овие луѓе самите себе се нарекуваат патриоти. Во тој случај, нека ја сакаат Франција во целост, вклучително и нејзината иднина. Нека ги образуваат младите!“, изјавил тој, залагајќи се за доаѓање на власт на „левица која носи темелни промени“.

„Макрон, Лекорну, доста нѝ е од нив, а и оној другиот ж… Како се викаше, Жофре или како и да е“, продолжил тој, мислејќи на министерот за образование Едуар Жефре.
Зборувајќи за насилството што ги придружува блокадите на училиштата, Елван ги критикувал медиумите, признавајќи дека е разочаран од начинот на кој известуваат за протестното движење.
Иако сè уште нема право на глас, средношколецот веќе има свој фаворит во трката за Елисејската палата. По средбата со Жан-Лук Меланшон, во емисијата „Котидиен“ изјавил дека лидерот на Непокорена Франција е „оној кој ќе ја спаси Франција“.
„Непокорена Франција ќе ги спаси младите“, додал тој.
Запрашан за ненадејната популарност, Елван изјавил дека не сака „да си замислува дека е поважен отколку што навистина е“, а ја искористил можноста и да ги повика медиумите „да им дадат малку повеќе простор на малцинствата“ и „да разговараат со луѓето од предградијата“.
„Можам да разберам одреден степен на насилство кога доаѓате од многу проблематични населби“
Протестното движење започнало во средните училишта во париските предградија, каде што условите за образование се значително полоши отколку во Париз и другите големи урбани центри. Поради тоа, некои го критикуваат прекумерното медиумско внимание што го добива Елван, сметајќи дека на тој начин другите млади демонстранти, особено оние од предградијата, остануваат во втор план.
Гостувајќи во емисија на телевизијата „LCI“, Елван изјавил:
„Можам да разберам одреден степен на насилство кога доаѓате од многу проблематични населби“, оценил тој.
На прашањето дали е поврзан со партијата Непокорена Франција, тинејџерот одговорил дека не е „член на партијата“ и дека не се согласува „со сè што тие зборуваат“.
„Имам впечаток дека тие се единствените кои се интересираат за тоа како навистина живеат младите“, заклучил тој, додавајќи дека го цени Жан-Лук Меланшон.
















