[ВИДЕО] Се урна руски борбен авион

Макфакс

21/10/2026

20:00

555

Големина на фонт

а а а

Руски борбен авион Су-30 денеска се урна за време на тренажен лет во Калининградската област, потврди руското Министерство за одбрана, пренесува хрватски „Индекс“.

Несреќата се случила во руската енклава на Балтичкото Море, која граничи со Полска и Литванија.

Според руското Министерство за одбрана, екипажот успеал да се катапултира, по што бил евакуиран од спасувачки тим. Министерството не ја соопштило причината за падот, ниту дали пилотите се повредени.

Телеграм-каналот „Маш“, кој важи за близок до Кремљ, објави дека авионот се урнал во близина на градот Черњаховск, околу 90 километри источно од Калининград. Според истиот извор, двајцата пилоти се повредени и пренесени во воена болница.

Су-30 е повеќенаменски борбен авион со две седишта, наменет за напади врз цели во воздух и на земја. Руските власти соопштија дека авионот не носел вооружување во моментот на несреќата.

Во септември, во Амурската област се урна и руски авион Ту-95, при што загинаа шест членови на екипажот, а еден беше повреден, објави агенцијата Интерфакс на 29 септември, повикувајќи се на информации потврдени од руското Министерство за одбрана.

Инцидентот се случува во период на зголемени тензии меѓу Русија и НАТО околу Калининград. Литванскиот министер за внатрешни работи Мартинас Кателинас побара распоредување дополнителни воени сили на границата со руската енклава.