За разлика од купечките производи, кај кои предност имаат оние со минимален степен на обработка и што пократок список на состојки на декларацијата, кај смутито важи спротивното. Кога станува збор за состојките, колку повеќе, толку подобро, барем кога зборуваме за разновидноста на намирниците што ги внесуваме во организмот.
Со комбинација од овошје, зелен лиснат зеленчук, квалитетна течна основа и неколку додатоци можеме да добиеме напиток што ќе ни помогне во еден оброк да внесеме различни витамини, минерали, растителни влакна, здрави масти и растителни соединенија, пишува „Jutarnji.hr/Živim“.
Смутито од пет состојки го поддржува здравјето на целиот организам
Квалитетното смути може да го поддржи здравјето на мозокот, срцето и дигестивниот систем, смета Џенифер Бабиќ, експертка за функционална исхрана и професорка по нутриционизам.
За напиток што ги обединува придобивките за наведените органи, таа препорачува комбинација од спанаќ, боровинки, мелено ленено семе, ореви и незасладено соино млеко.
„Смутито со тие состојки содржи хранливи материи што меѓусебно се надополнуваат, како и разновидни растителни соединенија со антиоксидативни и противвоспалителни својства“, вели таа.

Спанаќот е извор на каротеноиди, меѓу кои се лутеинот и бета-каротенот. Станува збор за растителни пигменти што имаат важна улога во организмот, а лутеинот е особено познат по својата поврзаност со здравјето на очите.
Боровинките содржат антоцијани, растителни пигменти заслужни за нивната карактеристична синовиолетова боја. Овие соединенија имаат антиоксидативни својства и се предмет на истражувања поради можните придобивки за когнитивните функции и здравјето на срцето.
Меленото ленено семе обезбедува алфа-линоленска киселина (ALA), омега-3 масна киселина од растително потекло. Покрај неа, содржи лигнани, растителни соединенија што се истражуваат поради нивните биолошки ефекти, како и растителни влакна важни за варењето.

Оревите се уште еден извор на растителни омега-3 масни киселини, а содржат и полифеноли и растителни влакна. Нивните незаситени масти се дел од исхрана што може да придонесе за поповолен липиден профил.
Незасладеното соино млеко му дава на смутито протеини и изофлавони, растителни соединенија што природно се наоѓаат во сојата. Воедно е практична течна основа што ги поврзува останатите состојки.

Поиграјте си со вкусовите
Нутритивно богатиот напиток притоа не мора да биде невкусен. Напротив, нагласува Бабиќ, ако сакаме смутито да стане дел од нашата рутина, важно е да ни се допаѓа и со задоволство да го подготвуваме.
Затоа, на основната комбинација можеме да ѝ додадеме неколку здрави состојки. На пример, тоа може да биде парче манго или малку мед ако сакаме посладок вкус.
За покремаста и погуста текстура можат да послужат замрзната банана или незасладен кокосов јогурт.
Притоа треба да се има предвид дека дополнителните состојки влијаат врз вкупната енергетска и нутритивна вредност на напитокот.















