Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Алта банка АД Битола, пак, соопшти дека е посебно правно лице и дека клиентите имаат непречен пристап до средствата.
Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Одлуката е објавена на 31 октомври, а за стечаен управник со судско решение треба да биде назначена Агенцијата за осигурување на депозити.
Според српскиот регулатор, на мерката ѝ претходеле контроли со кои се барало подобрување на ликвидноста. Било утврдено значително влошување на финансиската состојба и ризик за интересите на депонентите, пренесува Макфакс.

Алта банка во Србија. Фото: Макфакс
Агенцијата за осигурување на депозити треба во рок од седум работни дена да овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата согласно српските законски прописи.
АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење
Во контекст на најновите случувања поврзани со АЛТА банка во Република Србија, АЛТА банка АД Битола ја информира јавноста дека Банката е самостојно правно лице, регистрирано во Република Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка на Република Северна Македонија.
АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење.
Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола.

Дополнително, нагласуваме дека околностите во Република Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија. АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија. Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи.
Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка.
Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.
Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење.
АЛТА банка АД Битола останува посветена на заштитата на интересите на своите клиенти, финансиската стабилност и одржувањето на довербата.
















