Се враќа „јастребот“ што го предвидел банкротот на Грција? Две имиња во трка за наследник на Кристин Лагард – кој ќе одлучува за каматите во Европа?

Точка

02/11/2026

21:22

715

Големина на фонт

а а а

Најавеното заминување на Кристин Лагард од челото на Европската централна банка ја отвори трката за една од највлијателните економски функции во Европа. Како главни фаворити се издвојуваат Шпанецот Пабло Ернандес де Кос и Холанѓанецот Клас Кнот, но конечниот избор ќе зависи и од политичките договори на европските лидери.

Лагард ќе ја напушти функцијата на 7 февруари 2027 година, речиси девет месеци пред истекот на мандатот, соопшти ЕЦБ. Нејзиниот наследник ќе биде именуван од Европскиот совет.


Двајцата потенцијални наследници имаат големо искуство во централното банкарство, но различни пристапи кон монетарната политика. Де Кос важи за поумерен кандидат, додека Кнот долго време бил познат како застапник за постриктни мерки и повисоки камати.

Де Кос – експерт за компромиси

Пабло Ернандес де Кос моментално е генерален директор на Банката за меѓународни порамнувања, институција која често ја нарекуваат централна банка на централните банки. Претходно ја водел централната банка на Шпанија и претседавал со Базелскиот комитет за банкарски надзор.

Неговите главни предности се искуството, познавањето на европските институции и способноста за постигнување договори, пишува „Политико“.


Тој поддржувал мерки за поттикнување на економскиот раст, вклучувајќи пониски камати и купување обврзници. Сепак, кога инфлацијата нагло пораснала во 2022 година, го поддржал зголемувањето на каматните стапки.

Се залагал и за одржливи јавни финансии, предупредувајќи на ризиците од нагло зголемување на минималната плата и на потребата од реформа на пензискиот систем.

Кнот – застапник за постриктна политика кој ги менувал ставовите

Клас Кнот ја водел централната банка на Холандија од 2011 до 2025 година, а бил и претседател на Одборот за финансиска стабилност, меѓународно тело кое ги следи ризиците во глобалниот финансиски систем.

Долго време важел за монетарен „јастреб“, односно застапник за постриктна политика со цел сузбивање на инфлацијата. Тој бил меѓу најгласните критичари на одлуката на ЕЦБ од 2019 година за дополнително намалување на каматите и повторно покренување на купувањето обврзници.


Сепак, подоцна ги поддржал вонредните мерки за време на пандемијата и инструментот со кој ЕЦБ може да реагира на неоправдано големите разлики во трошоците за задолжување меѓу земјите членки на еврозоната.

Неговото искуство во управувањето со финансиските ризици би можело да биде важна предност, додека поранешните судири околу политиката на ЕЦБ би можеле да му го отежни добивањето на поширока поддршка.

Политичкиот договор би можел да пресуди

Изборот на наследникот на Лагард нема да зависи само од стручните квалификации. Европските лидери ќе мора да водат сметка и за застапеноста на државите на клучните функции, како и за рамнотежата меѓу северот и југот на еврозоната.

Дополнителен простор за преговори отвора претстојната промена на повеќе членови на раководството на ЕЦБ, па така именувањата би можеле да бидат дел од поширок политички пакет.


Според анкетата на економистите спроведена од „Блумберг“, Де Кос има блага предност. Го поддржале 12 испитаници, додека деветмина го избрале Кнот. Меѓутоа, тоа не е гаранција за исходот, бидејќи одлуката ја носат европските лидери.

Се очекува изборот да биде договорен до крајот на годината. Доколку преговорите заглават, во трката би можел да влезе и компромисен кандидат.