ЛДП: Славевски и Владата тотално забегаа! Сѐ уште мислат дека со 10.000 денари неделно народот живее луксуз?!

Макфакс

03/11/2026

11:20

217

Големина на фонт

а а а

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја критикува Владата и гувернерот за ограничувањето од 10.000 денари неделно на клиентите на АЛТА банка, истакнувајќи дека тие се оддалечени од реалните проблеми на граѓаните кои се соочуваат со блокирани сметки и финансиска криза.

„Трајко Славески и владината елита целосно ја загубиле секаква допирна точка со секојдневниот живот и маката на македонскиот народ! Излегувањето во јавност со цинично оправдување дека ограничувањето од 10.000 денари неделно за клиентите на заглавената АЛТА банка било „повеќе од доволно“, затоа што се усогласувало со просечните плати и пензии, е врв на политички цинизам и институционален аутизам“, велат од ЛДП.

„Тие луѓе воопшто немаат поим колку чинат лебот, храната, сметките, струјата, лековите и преживувањето во државата што тие ја донесоа до економска провалија, реагира Либерално-демократската партија (ЛДП).

Додека по заслуга на Владата и од неа создадениот скандал со АЛТА банка граѓаните се соочуваат со блокирани сметки и заробени сопствени средства, гувернерот ладнокрвно им дели лекции за скромност и ги повикува на „трпение“. ЛДП прашува: Какво трпение кога луѓето не можат да си ги подигнат сопствените пари за да ги намируваат основните животни потреби? Народот не е молчелива статистичка маст во нивните канцеларии, ниту пак им треба туѓа дозвола и лимитирана милостина за да располагаат со сопствениот труд и заштеда.

Либерално-демократската партија (ЛДП) порачува дека ова е доказ оти власта и регулаторите тотално заглавиле во сопствената реалност, оддалечени светлосни години од секојдневниот живот на обичниот човек. Државата не е нивна играчка во која тие ќе пропишуваат кој колку смее да преживее.

ЛДП бара одговорност од гувернерот и од Владата, како и итно одмрзнување на средствата на граѓаните и одговорност за целото финансиско фијаско, бидејќи со цинични изјави и лажни оправдувања хаосот што го создадоа нема да се сокрие!“, соопштуваат од ЛДП.